И јас, како и сите други Македонци од мојата генерација, имам тетка во странство. Мојата е во Австралија. И тетка ми, како и сите други тетки на Македонците од мојата генерација, ми вети дека ќе ме земе во Австралија кога ќе завршам средно.
Средно завршив. И тоа со просек 5.0, од пуста желба да одам на другиот крај на планетата. Плот твист: 20 години подоцна, не ви пишувам од Австралија. Ја немам ни видено, освен на монитор. Ама конечно ми стигна покана…
Непознатиот ми братучед Бен ќе се женел. Нé викаат на свадба, но во стилот „Ве викаме, ама глејте да не дојдете“. Тоа го знам затоа што во поканата немаше пари за авио-карта. А да, и зашто откако запишав средно немав ни збор чуено од луѓево.
На свадбата на Бен попрво ќе играат кенгури, отколку јас. Ама морав да најдам некаков изговор пред совеста моја глупа, која како будалче ме убедува да одам, дека можеби требало да простам, дека ете можда луѓето се каеле… „Ете“, ми вика, „важно те викнале“.
Изговорот го најдов. Еве ќе го споделам, нека ви се најде.
Ако не ви текна да ја зумирате сликата, вика вака:
„Дали е вистина дека навечер во Австралија било забрането да се оди пеш? Морало исклучиво со кола, бидејќи имало човекојадци?“
Нема ни да се мачам да истражувам од каде ваквата информација, зашто знам – девојчево има тетка што е поголем л’жов од мојата. Ама информацијата си ја земав како факт, и сега мирна ми е душата. И онака имам слушано дека кенгурите се серковци.
З. П.