Зошто не можеме да им одолееме на животните

животниСпоред една нова студија, луѓето имаат силни реакции кон животните – без разлика дали се слатки, заканувачки или едноставно вкусни – поради врските во нашите мозоци. Мозочната активност на пациенти кои страдаат од епилепсија била набљудувана додека им биле прикажувани фотографии од луѓе, споменици, животни и предмети.

Истражувачите ги набљудувале амигдалите, двете структури со форма на бадем кои се наоѓаат длабоко во мозокот и се поврзани со емоции, страв и мирис. „Нашата студија покажува дека невроните во човечката амигдала реагираат позитивно на фотографии од животни, што значи дека забележавме поголема активност кај клетките кога пациентот гледаше во фотографии од мачки или змии наместо згради или луѓе“ вели Флориан Морман, истражувач од Институтот за технологија од Калифорнија.

„Оваа преференца важи како за слатки, така и за грди или опасни животни и навидум не зависи од емоционалната содржина на фотографијата. Интересно е што ваквите реакции ги забележуваме само кај десната а не кај левата амигдала.“ Не само што активноста во десната амигдала била повисока, туку невралниот одговор бил и побрз кај фотографиите со животни. Идентичен одговор подоцна бил забележан кај луѓе кои не страдаат од епилепсија.

Водачот на тимот, Ралф Адолфс, изјавил дека претходни истражувања на амигдалата најчесто се фокусирале на лица и страв, па не било изненадување да се види дека невроните во десната амигдала реагирале повеќе на животни – од сите видови – отколку на човечки лица. „Мислам дека ова има потенцијал да ни помогне подобро да ги разбереме фобиите од животни,“ додал доктор Адолфс.

Доктор Морман рекол дека резултатот посочува кон тоа дека десната хемисфера на мозокот еволуирала да се справува со непредвидливи и биолошки релевантни стимули. „Во однос на еволуцијата на мозокот, амигдалата е многу стара структура, и во текот на нашата биолошка историја, животните – кои би претставувале или предатори или плен – биле високо релевантна класа на стимул.“ [Why you just can’t resist animals: Parts of the brain hard-wired to respond to other creatures]

- Реклама -