Раката која ја користите за пишување, веројатно ја користите и за јадење, а дури 96% од луѓето на светот ја користат десната.
Пристрасноста кон едната, односно другата страна, почнува во мозокот. Познато е дека левата хемисфера ги контролира десните активности и обратно, па тоа значи дека левата страна е задолжена за десната страна на телото.
Некои тврдат дека ваквата невролошка поделба се должи на одликите на животните кои живееле пред 500 милиони години. Мозокот кај нив еволуирал така што левата страна станала задолжена за рутинските нешта, како што е потрагата за храна, додека десната хемисфера останала слободна за откривање и реагирање на предизвиците во околината. Ова може да се види кај разните видови риби, жаби и птици, кои почесто го напаѓаат пленот што ќе го видат со десното око. Постојат и делумни докази дека луѓето првенствено биле деснораки, судејќи по тоа како ги изработувале камените алати пред 2 милиони години.
Научниците претпоставуваат дека левата хемисфера на мозокот еволуирала за јазикот, а интензивираната изразеност на десната рака може да е само спореден ефект. Тие велат дека деснораките се веројатно само случајност во поврзаноста на мозокот. Меѓутоа, докажувањето на ваквиот став е тешко, па и невозможно, зашто таквото истражување би требало да вклучува и невролошки тестови на одамна умрени претци.
Патем, некои истражувања покажуваат дека левораките побрзо се опоравуваат од оштетувања на мозокот, како и дека левата рака им дава предност и елемент на изненадување при физичка борба и при одредени спортови, особено боречките.
На крај останува да заклучиме дека веројатно никогаш нема да дознаеме каков бил следот на настаните кои го „подбутнале“ човекот кон тоа повеќе да се потпира на десната страна на телото, т.е. левата страна на мозокот.