Речиси не поминува ниту ден да не се појави нешто ново шокантно или депресивно во врска со „миленијалсите“. Ние сме генерацијата на родени помеѓу почетокот на осумдесеттите и почетокот на двеилјадитите, но овој распон на години знае да варира од автор до автор. Ние сме генерацијата која се анализира во реално време, нашето однесување и нашите одлуки постојано се собираат во инфографици кои нé прогласуваат за ретки примероци на вегетаријанската, импотентната група на луѓе забележана во пишаната историја. Минатата недела, објавени се резултатите од истражувањето во кое заклучокот беше доволно алармантен дури и јас да се разбудам и обрнам внимание, барем и за една минута. Излегува дека две третини од миленијалсите изјавиле дека тие биле „уморни од животот“. 27 отсто од нив сметаат дека телевиизјата е здодевна, на секој шести му е скурчено од социјалните мрежи, 25 отсто ги мачи несоница. Ние изгубивме интререс за сé. Ни здодеа постоењето.
Постои, сепак, нешто шокантно во изразот „ми здодеа животот“. Ова е прилично нерафинирана дијагноза, како да ѝ недостасуваат уште зборови. Друго е кога ќе ви досади математиката… но кога ќе ви досади постоењето тоа е како да сте го отфрлиле секој елемент од реалниот универзум. Кажете што сакате за животот, но во него дефинитивно има доволно работи за да бидете зафатени од лулка до гроб.
Кога е во прашање моето животно искуство, инстинктот ми вели: Не, не ми е здодевно. Ми се случуваат навидум толку многу работи. Во еден просечен ден разговарам со некои интересни луѓе, читам за страдањата во светот и за Дрејк и Тереза Меј, гледам видео снимка од мечка што брка велосипедисти.
Обично ќе испијам неколку различни видови на топли пијалаци, понекогаш ќе испушам цигара па потоа ќе зажалам, ќе к’снам нешто малку индиски ореви, мочам по неколку пати. Во вечерните чсови ќе опнам некое пивце, ги гледам старите епизоди Catchphrase или киснам во ноќните клубови преправајќи се дека не сум уморен. Но, тоа е само содржината. Во главата ми се случува подеднакво луда вртелешка. Среќен сум кога ќе ја здогледам саканата, разочаран сум кога ќе го видам моето торзо, се смеам со пријателите и плачам еднаш во две или три години.
Понекогаш е тоа исцрпувачко, ама никогаш не е досадно.
Како и сите млади луѓе, имам проблем до крај да се посветам на било каква активност. Загрижувачки е што никогаш не успевам да ја дочитам гнигата, на пример. Во ранецот во моментов имам два класици и релативно кратка книга за Афрофутуризмот што ја добив за Божиќ. Уживам во секоја од нив, но по повеќе од три прочитани страници попчнувам да чувствувам како невидливите конци зад моите очни капаци ми ја одвлекуваат главата од текстот и ја насочуваат кон нешто друго.
И токму тука се крие вистинското прашање: како тоа, генерацијата која има можност да работи повеќе од секоја претходна, како таа генерација може да тврди дека ѝ досадил животот?
Досада која настанала од огромен број на можности, наместо немање на можности. Кога размислувам за тоа како се чувствувам секој ден, сфаќам дека често пати имам чувство дека посакувам да правам нешто друго. Сакам да станам да направам кафе, сакам два пати да го проверам Твитерот, сакам да ја променам музиката што ја слушам. Бескрајната шир на Нетфликсовата библиотека станува список на обврски, статиите што ги чувам да ги прочитам подоцна стануваат еден вид материјал за испит што никогаш нема да го положам. Оваа здодевност се манифестира како немир, помалку сум „уморен од животот“, а повеќе постојано очекувам да се случи животот. Таа апатична, немирна досада делува како некој вид на техника за преживување. Единствен природен начин да се справиме со огромното количество на содржини на кои треба да им го посветиме нашето внимание е постојано да се ротира она на што сме го посветиле нашето време, бел шум кој сме го развиле со цел да ја исклучиме сета останата бучава.
Со тоа на ум, може да се каже дека вистинската здодевност, онаа стара, проверена, од типот кога зјапате во градината низ прозорец намокрен од дожд, таквата досада всушност е благослов. Во минатогодишната статија за Гардијан, Гајатри Деви, професорка по англиски јазик на Универзитетот Лок Хејвен, ја опиша досадата како „последна привилегија на слободниот ум“. Според нејзините зборови, здодевноста е „интензивно доживување на времето, на кое не влијае убавината, задоволството, удобноста и сите други временски ограничени лековити сензации“. Во суштина, вистинската здодевност, правиот празен простор, практично тоа е единствениот пат кога времето го поминуваме со сопствените мисли и само со нив. Тоа е единственото време во кое на нашите мисли им е дозволено да шетаат и да прераснат во други, поголеми и подобри мисли, кои нема да бидат потиснати од сексот, дрогата или „Фантази Фудбал“-от од малите екрани. Кога ќе ви досади животот, тоа е, се разбира, еден инфантилен и депресиван став или чувство, но кога од време на време ви е досадно во животот, тоа, на крајот на краиштата можеби и не е толку лоша работа.