Папата Јулиус II веќе бил стар и се приближувал кон крајот на својот живот, па сфатил дека е време да му се подготви гробот, но гроб што ќе прилега на понтиф од негов ранг. Сакајќи го само најдоброто, го ангажирал ни помалку, ни повее – врвниот уметник Микеланџело, кој за гробот на папата требало да направи 40 мермерни статуи. Микеланџело го прифатил договорот и ги оставил четките за да се позанимава со чеканот и длетото. Почнал со првата статуа – Мојсеј.
За негова несреќа, додека Мојсеј била во изработка, папството го информирало дека немаат доволно буџет за преостанатите 39 статуи. Мојсеј, пак, оригинално била замислена да стои на централен подиум помеѓу другите статуи, па затоа сега требало да биде преработена за гледање од близу. Микеланџело веќе го имал направено телото на Мојсеј подолго, а анатомските детали подлабоки, за да бидат гледани од дистанца. Сепак, и покрај пречките, Микеланџело го завршил кипот на Мојсеј некаде помеѓу 1513 и 1515 година. Дури и денес, статуата ги восхитува посетителите на црквата Виколи во Рим, каде што е сместена. Арно ама, роговите уште ѝ стојат.
Статуата има и поинаква приказна од таа на Јулиус II. Оваа почнува некаде околу 405 година, кога Св. Јероним го завршил латинскиот превод на Библијата, наречен Vulgata. Неговиот превод претставуваше огромно постигнување и црквата го преферираше со векови, ама имаше и грешки. Роговите што Микеланџело му ги направи на Мојсеј се директна последица на таа грешка. Проблемот на Јероним настанал со користењето на хебрејскиот збор „keren“. Зборот можел да значи „зрачи светлина“ или „има рогови“, и за жал, при описот на Мојсеј, Јероним се одлучил за второто. Тоа и не е така голема грешка како што се чини, бидејќи со оглед на временската и културните разлики, роговите имале смисла, особено што во тоа време и порано не биле симбол на ништо ѓаволско/демонско – напротив, означувале сила, чест, дури и божественост.
Повеќе од илјада години подоцна, Микеланџело го искористил овој опис на Мојсеј како референца при правењето на скулптурата. Преводот на Јероним оттогаш има преживеано многу рецензии и поправки, а со оглед дека денес зрачењето светлина многу повеќе се поврзува со божјото отколку роговите (кои попрво добиваат демонска конотација), грешката во Vulgata е поправена и комплетно исфрлена од преводот, а можеби и целосно ќе беше избришана од историјата ако не беа двете рокчиња да ѕиркаат низ мермерната коса на Мојсеј на Микеланџело.