Настрана нашава ситуација, во нормалниот свет – да се има стан и/или кола станува демоде. Сé повеќе млади луѓе ширум планетава веќе не сакаат да ги купуваат. Истражувањата покажуваат дека таканаречените миленијалци – кои сега имаат околу 30 години, ретко купуваат куќи и уште поретко – коли. Всушност, воопшто не купуваат скапи нешта. Во САД, генерацијата помлада од 35 години ја нарекуваат „генерација на рентери“.
Зошто се случува?
Дел од социолозите велат дека модерната младина страда од финансиска криза. Затоа луѓето се плашат од сериозните заеми.
Според други, тоа не е главната причина. Работата, сметаат тие, е во тоа што оваа генерација на млади луѓе се разликува од генерацијата на нивните родители. Оваа има други вредности.
За денешната младина, поинаков е концептот на успех:
• Успешните луѓе не купуваат имот – тие изнајмуваат имот.
• Ако сакаш да бидеш сметан за успешен, инвестирај во искуства: патување, екстремни спортови, стартапи
Според овие социолози, луѓето сега „не сакаат стабилност и просперитет“ – сé што сакаат е флексибилни распореди и финансиска и географска независност.
Не ги интересираат материјални нешта
Зошто да купиш кола ако можеш да одиш со такси? Тоа ти е слично како личен автомобил со шофер. А не е многу поскапо од тоа да имаш свој автомобил. Зошто да купуваш куќа на некое прекрасно место за да одиш таму на одмор, кога можеш да најдеш место за престој преку сервиси како Airbnb во било кое ќоше на планетата? Не мораш да преплаќаш кирија или да купуваш имот во земја што ја сакаш. Истото важи и за градот во кој живееш:
• Не знаеш колку долго ќе останеш таму да живееш
• Можеш да отплаќаш кредит 40 години и да прифатиш дека цел живот ќе го поминеш на едно, евентуално две места, или да се помириш дека ќе ренташ живеалиште цело време
• Најверојатно ќе ја смениш работата во следните неколку години. Според Forbes, денешните млади луѓе менуваат работа во просек на секои 3 години. Ако ренташ, ништо не те спречува да се преселиш поблиску до работното место, било да е тоа во друг град или држава, или во градот во кој веќе живееш
Концептот на сопственост не е веќе релевантен
Џејмс Хамблин од Atlantic, го објаснува феноменот вака: „Низ изминатата декада, психолозите спроведоа голем број на истражувања кои докажуваат дека, од аспект на среќата и добросостојбата, трошењето пари на нови искуства е многу поисплатливо отколку купување на нови нешта. Носи повеќе радост“.
Поседувањето на материјални нешта не ти помага во ширење на пријателства
Друштвената интеракција меѓу луѓето е клучна за тоа дали се чувствуваат среќни или не. Зборувањето со другите и имањето на многу пријатели те прави посреќна личност. А луѓето преферираат да слушаат како си поминал една година во некоја дива земја, наместо за тоа колку станови имаш купено.
Извадок од колумната на Хамблин: „Излегува дека луѓето не многу сакаат да слушаат за стварите што ги поседуваат другите луѓе, но навистина сакаат да слушаат за оној пат кога си бил на концерт“.
Дури и лошите искуства можат да бидат добра сторија. Материјалните нешта – не можат.
Купувањето скапи нешта ни создава грижи
Нештата што ги поседуваме, особено ако се скапи, ни создаваат дополнителни грижи. Ако купиш кола, ќе ти запира срцето секогаш кога надвор ќе засвири аларм. Ако купиш куќа и ја наполниш со скапи предмети, ќе се плашиш да не те ограбат. Да не зборуваме дека колата може да ти ја изгребат или да се расипе, како и супер скапиот телевизор. Но искуствата? Никој не може да ти ги земе.
На речиси сé што купуваме му паѓа цената
Претходните генерации немале толку многу можност да патуваат и да се забавуваат. Немале толку многу можности да започнат свој бизнис. Затоа инвестирале во куќи и коли. Денес, во време на криза, цените на недвижниот имот паѓаат најмногу. Речиси сé што поседуваш, на долг рок значи загуба.
* * *
Уште еднаш да нагласиме, сé ова погоре важи за некој друг свет од нашиов, и се ставови на дел од експертите. Но според мене лично (со мојот немодерен менталитет), сите нивни аргументи се само делумна вистина. Земено сето на купче, пак сé се сведува и сé погоре е резултат на тоа што младите страдаат од финансиска криза, и сé е тоа манифестација на она нашето добро познато „сиромавиот дупло плаќа“.
Во суштина, младите само се прилагодуваат на новото време. Рентаат станови не затоа што е поевтино, туку затоа што се приморани да не бидат географски приковани на едно место, затоа што пречесто менуваат работни места – а не по нивен избор. Затоа што светот брзо се менува и никој не ти гарантира дека кредитот што ќе го земеш за куќа ќе можеш да го исплаќаш и по 5 години, а не па по 40. Младите би купиле куќа, би купиле и викендица, и кола, кога би ги имале оние вишок потребни пари за такво нешто. И денешните млади сакаат семејства и сакаат „да се смират“ после одредена возраст, но финансиски тоа можат да си го дозволат подоцна во животот. Тоа што се оддаваат на патувања е затоа што сакаат и да живеат, но не значи дека не сакаат „просперитет и стабилност“. Проблемот е што таа стабилност што би ја добиле во ова денешно хаотично време е во најдобар случај – привидна. Нештата се менуваат брзо и ништо не е сигурно. Па кога веќе живееш во постојан ризик и од денес за утре, зошто не би патувал низ светот со ранец на грбот и со целата заштеда што ја имаш? И онака не е доволна да си купиш куќа, автомобил или да гледаш семејство, а веројатно нема да биде ни во наредните децении. Што друго ти останува?
А што ќе рече Тери Прачет, „најважното нешто околу имањето на многу спомени (од патувања) е што потоа мораш да отидеш некаде каде што ќе можеш да се сеќаваш на нив, разбираш? Мораш да запреш. Сé додека не се вратиш дома, ти всушност не си бил никаде“. Така што, не, не е дека младите не сакаат да купат куќа.