„Масирањето“ е познато однесување кај домашните мачки. Се мисли на она кога мачката бутка со предните шепи, де со левата, де со десната.
Американците го викаат „месење тесто“ (kneading) или „правење бисквити“ – мачките го прават ова на меки површини, било да е перница, ќебе, друго животно или ти и твојот мев/гради/газ… сеедно.
Бујрум видео со наслов: „Мачка учи да прави бисквити од Гордон Ремзи“.
Не е јасно зошто го прават ова, но има пар теории.
Најчестата е дека тоа им останато однесување од кога биле малечки. Додека мајката ги дои, мачињата „масираат“ на областа околу брадавицата на мајката, за да го размрдаат протокот на млеко, сметаат научниците.
Кога мачката е возрасна, наводно, масира кога се чувствува среќна и задоволна, бидејќи го асоцира движењето со комфортот во моментите кога цицала од мајката. Уште еден аргумент за потврда на таа теза е и самиот факт што некои мачки дури и ја цицаат површината што ја „месат“.
… Некогаш и ја хипнотизираат, ама тоа е друга тема.
Друга теорија вели дека ваквото однесување датира уште од времето кога мачките не биле одомашени, т.е. кога дивите мачки наводно ги мазнеле листовите и гранчињата со шепите за да направат мека површина за спиење или породување. Денес тоа однесување може да е останат инстинкт кој оди паралелно со тоа кога мачката се смирува.
Некогаш делува и манијачки, ама тоа е, не можеш да им забраниш:
Третата теорија, која не ги исклучува и горниве две, е дека масирањето е уште еден начин за мачките да ја обележат својата територија со својот мирис – имаат мирисни жлезди во „перничињата“ на шепите.
Како и да е, за вас е важно дека кога вас ве меси, значи ве сака. Дали како мајка, дали како перница, или како нејзина територија – сеедно.
За крај, секако дека на интернет има компилација од мачки што масираат: