Зошто националните кампањи за зголемување на наталитетот не успеваат

Pink Blocks and a Pacifier on $20 American Bills

На 22 септември, во Италија ќе се слави „Ден на плодноста“. Арно ама, владините постери кои беа лансирани со цел да се промовира кампањата, со слогани како „Побрзај! Не го чекај штркот!“ или „Убавината не познава возраст… Плодноста познава“, наидоа на голем отпор. Кампањата беше инстантно наречена сексистичка, дискриминаторска по возраст (ејџизам) и анахронистичка (во погрешно време). Ја споредија дури и со пронатализмот – периодот кога Фашистичка Италија промовираше човечка репродукција меѓу Италијанците. Маркетинг кампањата ја искритикува дури и италијанскиот премиер, па беше повлечена иако „Денот на плодноста“ останува на истиот датум.

Италијанската влада не е ни првата, ниту последната во светот што се обидува да го охрабри наталитетот со не баш адекватни средства. Во Данска, на пример, државата и маркетинг агенциите ги повикуваат Данките „да го примат за Данска“, да го „сторат тоа за мама“ и „да си ги пребројат јајцата“. Во други земји, се водат кампањи кои треба да ги натераат родителите да мислат дека ограничувањето на плодноста (имање на само едно или две деца) е лошо за нивните деца. Јужна Кореја, на пример, лансираше кампањски постер со слоган „Едно не е доволно“, на кој е прикажано овенато растение со едно ливче, веднаш до витално растение со две ливчиња. Во 2010 пак, нивното Министерство за здравство ги изгаси светлата во 16 часот, за да ги охрабри цивилните службеници да одат дома и да прават деца. Во Турција, пак, претседателот Ердоган изјави дека „едно (дете) значи осаменост, две значат ривалство, три значат баланс, а четири – изобилство“. Во 2015 пак, на Турчинките им беше порачано дека „не треба да се фокусираат на друга кариера освен на кариерата на мајчинството“. Во меѓувреме им се нуди широк дијапазон на поттикнувачки мерки за да имаат повеќе деца и да се омажат порано, меѓу другото и златни парички. Во други земји, се игра на карта на патриотизмот и должноста кон татковината. Во Тајван, на нискиот наталитет и на големиот број немажени мажи и жени се реферира како на „национална закана“. Во еден руски град пак, имаше кампања со наслов „Роди патриот“, кога на двојките им беше даден слободен ден – Ден на зачнувањето, со тоа што беа предвидени награди за родителите што ќе добијат дете на Денот на Русија, околу 9 месеци подоцна. А наградите? Фрижидер (за секое бебе).

image-20160908-25231-93evk4[1]
„Едно не е доволно“ – наградениот корејски постер

Се разбира, причината за овие кампањи е што повеќето од овие земји имаат многу низок наталитет, кој води до забрзано стареење на нацијата, па и  до намалување на популацијата. Но ете, дури и Иран и Турција, кои имаат стапка на раѓање која се движи околу „стапката на замена“ (едно дете по родител), водат активни пронаталистички кампањи во обид да го стимулираат порастот на населението.

Зошто на луѓето не им е до деца?

За да се увидат шансите за успех на ваквите кампањи, треба да се погледне многу подлабоко зад самите слогани. Некои земји трошат огромни суми на скапи и сложени сетови од политики, сé со цел да ја поттикнат стапката на наталитет. Во Сингапур, на пример, на младите потенцијални родители им се обезбедува помош во пронаоѓање на соодветни партнери, им се обезбедува социјално живеалиште, има огромни бонуси за бебиња, голема поддршка и здравствена грижа за децата, помош во штедење за деца, како и намалени даноци. Во глобала, Сингапур троши по околу 90.000 фунти во субвенции за едно дете, додека тоа да наполни 13 години. А сепак, Сингапур има една од најниските стапки на плодност во светот, и не изгледа дека нешто ќе се промени во блиска иднина.

Причините зад песимизмот околу успехот на ваквите полиси и кампањи, како во светот така и во Италија за Денот на плодноста, се тоа што овие кампањи не ги адресираат основните причини кои стојат зад ваквите трендови и кои ги тераат мажите и жените да го одложуваат или комплетно да го избегнуваат родителството.

Гневот што се истура врз кампањите се должи на тоа што денес, повеќе од било кога, е тешко да се најде пристојна, сигурна и постојана работа, особено по Големата Рецесија. Гневот е затоа што да се купи куќа или стан излегува надвор од дофатот на мнозинството, и/или затоа што на комбинацијата од работа и семејство во многу земји сé уште се гледа како на непрактична, па  се дискриминираат бремените жени. И во Италија не е многу поразлично: таму е честа пракса жените да потпишат „dimissioni in bianco“ т.е. празни отказни писма кои се активираат во мигот кога жената ќе забремени.

Исто така, жените се соочуваат со „двоен товар“ – од работа и грижа за децата. Сума сумарум, резултатот е што најчесто се преферира да се инвестира во успешното одрастување на едно дете, отколку на тоа да се „делат“ и „менаџираат“ ограничените ресурси при одгледување на две деца.

05082012_iStock_Baby_slideshow[1]

Нормата од две деца

Ај што е „сексистички хаос“ – како што го нарекува Роберто Савиано (автор на „Гомора“), туку италијанскиот Ден на плодноста е и навредлив „за сите луѓе кои немаат деца, како и за тие што сакаат да имаат, но не можат бидејќи нема работа во Италија“. Со оглед на околностите, вели тој, италијанската влада треба да е среќна што граѓаните воопшто имаат деца, колку и да биле малку.

Клучното во сета оваа работа е што доказите сугерираат дека мнозинството од жените и мажите сé уште не се откажале од желбата да градат партнерство и да имаат деца. Во светот, и во Италија, „нормата од две деца“ е мошне запазена. Со други зборови, не се работи за себичност или избегнување на родителството (кое често се препишува на начинот на живот на миленијалците). Тоа што го гледаме е фрустриран, неостварен потенцијал.

Но да се вклучуваат владите, компаниите и родителите на партнерите во безмалку интрузивно поттикнување на младите да формираат семејства и да раѓаат деца – не само што не е решение на проблемот, туку создава и нови проблеми, кои особено се однесуваат на нефер односот кон тие што не сакаат да имаат деца (што е легитимно), а ризикува и наметнување на нови, антифеминиситчки норми.

Решението? Единственото решение е да се гледа на нискиот наталитет како последица на други проблеми во општеството, како оние опишаните погоре. Ако се работи на овие проблеми, наталитетот ќе се среди сам од себе, особено имајќи во предвид дека најголемиот дел од луѓето сепак сакаат да имаат две, три, па и повеќе деца.

- Реклама -