Зошто играм Кенди Краш на работа

illegal-things-playing-computer-games-at-work[1]

Од понеделник до петок, од 9 до 16.30, работам во канцеларија во која имам сопствен компјутер, свртен кон ѕидот отспротива на вратата. Со други зборови, никој не може да види што правам на екранот. Не, не гледам порно. Ама отварам Фејсбук, Твитер, решавам глупи квизови, (со големо уживање) читам колумни на теми што воопшто не ме засегаат и нормално, играм „Кенди Краш“. Ако некој влезе, за помалку од една секунда екранот на мојот компјутер се претвора во стриктно работна површина, без видлива трага од сите глупости што ги правам во меѓувреме. Таквата моја способност за технолошка акробација во еден клик, е мојата постојана состојба на деконцентрација.

Во новата книга „Enjoying It, Candy Crush and Capitalism“, Алфи Боун пишува дека таквата дистракција е од витално значење за мојот професионален (работен) живот, и тоа го аргументира на начин што човек ќе помисли дека авторот му влегол во главата и уште поважно – службениот компјутер (макар што во денешно време двете се небаре исто) и запишал сé што се случува таму.

Пред да навлезе во второто поглавје од книгата, наречено „Непродуктивно уживање: Култура на дистракција“, Боун го поставува следниов аргумент:

„Од политичко значење (вистинското значење на ‘политика’ е уствари наука за добар живот, ако не сте знаеле) е да се разбере дека ова уживање е сé освен непродуктивно, и на него треба да се гледа како на особено продуктивна форма на индивидуализам во модерното доба… Редовното уживање во ‘деконцентрирачка’ и ‘непродуктивна’ забава е витален дел од одредувањето на нашата врска со ‘работата’ “.

Мислам, што може да е користа од некојси идиотски квиз или партија Candy Crush Sаgа, освен временски вакуум, потрошено време? Во контекст на работното место, користа е огромна, вели Боун. Дистракциите во кои се впуштаме за време на работата се исполнети со предрасуди околу вредноста. Од една страна, ги нарекуваме нашите работни задачи „важни“ и „реални“, а од друга – ги означуваме игрите и квизовите од типот „Дали си психопат?“ како „непродуктивни“ и „неважни“ забушантски активности. А уствари, тие забушавања се нешто многу повеќе:

„Дистракцијата ја надополнува онаа банална, но божемски сериозна реалност, од која потајно сакаме да бидеме деконцентрирани/оттргнати, дозволувајќи ни да почувствуваме дека она што ‘би требало’ да го правиме (работа и само работа) е навистина полезно“.

Значи, според Боун, ја и ти забушаваме на работа со цел истата таа работа да стане доволно важна за воопшто да ја сработиме. Не се работи за обично одолговлекување. Колку повеќе одложуваш нешто, толку повеќе чувствуваш дека постои нешто релевантно кое треба да се постигне. Почнуваш вистински да работиш дури тогаш кога се ближи крајниот рок, кога треба да ја предадеш работата на некој што треба да ја прегледа, или да го предадеш крајниот продукт на клиентот. Овој текст, на пример, исто така е пишуван преку низа дистракции, затоа што јас, како автор, сум свесен дека вие веројатно ќе го читате, исто така, со дистракции.

playing-games-at-work[1]
Додуша мене не ме чекате на шалтер.

Туку назад на работа; Боун оди уште подлабоко во анализата преку примерот со „Кенди Краш Сага“.

„Јасно е дека никој од нас всушност нема желба да игра Кенди Краш, особено кога треба да работиме, но ние всушност ја чувствуваме потребата за дистракција, особено кога работиме, со цел да го зајакнеме чувството (кое сé повеќе го губиме) дека нашата работа има доследен тек и вредност во споредба со овие активности“.

Без овие дистракции, јас би бил присилен да се соочам со бесполезноста на мојата работа (како што направив погоре), со фактот дека нема да сменам нечие мислење или дека овој текст ќе го прочита единствено уредникот. Така, според Боун, забушавањето ме штити од недоследен, фрагментиран однос со реалноста. Ако морам да работам без дистракции, можам да потпаднам до отуѓеност толку длабока што може да ме спречи да сработам било што. Со други зборови, забушавам(е) заради длабока човечка потреба.

Анализата не завршува таму. Дури и кога бирото ти е заштитено од туѓите погледи, постои еден што гледа – „Големото Друго“. Овој замислен ентитет можеш да го поимаш како Бог, како Природа, како Гугл или како Големиот Брат. Тој ентитет е нешто што ние самите го креираме, за да не забегаме, за да се сложуваме и да се однесуваме во рамките на општествените норми – во случајов со онаа што вели дека не е убаво да го потрошиш целото работно време на играње на глупави игри, а сепак да земеш плата.

Кога одиш Alt+Tab за помалку од една секунда, ти всушност не се криеш од твоето Големо Друго. Напротив, ти сакаш тоа да те види, сакаш да ти искаже благонаклонетост. Со зборовите на Жак Лакан (француски психоаналитичар и психијатар), длабоко преплетена во забушавањето е желбата за афирмација од Големото Друго – ете, си ја затворил играта или пребарувачот и си се вратил на твојата продуктивна капиталистичка вработеност (читај: ти си добар дечко и заслужуваш пофалба).

И навистина, уживам во сатисфакцијата при арчење на времето и потоа кога ќе завршам нешто откако „ќе се вратам на работа“. Навистина, дистракциите се од витална важност за нешто да сработам. Ако не е чипсот што го грицкам сега, нема да имам доволно калории за да пишувам; ако не е телефонот што ѕвони на секои 2 минути и Јутјуб да ми свири во позадина, јас веројатно нема да го прегледам текстов за печатни грешки.

Значи, нека не ве лажат капиталистите: времето што уживате да го губите не е изгубено време и сé што чувствувате си има причина.

- Реклама -