Зошто градбите од Стариот Рим траат и по илјада години?

И после секакви надворешни влијанија и временски услови, градбите од периодот на Стариот Рим и по 1.500 години продолжуваат да опстојуваат.

… А ние конечно ја дознавме тајната.

Научниците открија дека римските градби се правени од бетон кој е мешавина од вулкански пепел, калциум-оксид, морска вода и вулкански камења. Во споредба со денешниот, овој на Римјаните со текот на времето станува сé поцврст.

Тајната состојка на римскиот бетон, според научниците, е во користење на морска вода. Таа реагира со вулканскиот материјал во цементот и создава соединенија на нови минерали кои го зајакнуваат бетонот.

Покрај тоа, и самите промени кои со текот на времето настанувале во составот на минералите во римскиот бетон, се такви што спречуваат пукнатините да се шират низ материјалот. Тоа е сосема спротивно од модерниот бетон, кој откако еднаш ќе се стврдне, е подложен на штета при речиси секоја реакција во внатрешноста на материјалот.

„Тие (Римјаните) вложиле многу работа за да го развијат ова. Биле многу, многу интелигентни луѓе“, вели Мари Џексон – геолог од универзитетот во Јута и коавторка на студијата за римските градби.

Џексон не е единствената што потврдува дека Римјаните биле свесни за квалитетот на нивниот градежен материјал. Дури и Плиниј пишувал дека нивните градби се отпорни на бранови и од ден на ден стануваат сé посилни.

„Ова откритие отвара потполно нови перспективи во правењето на бетон. Тоа што го сметаме за корозивен процес, всушност може да има екстремно корисни ефекти“, вели Џексон.

- Реклама -