Зошто е важен кецот на Ајнштајн по математика

033314-000008[1]

Прво и основно, Ајнштајн никогаш не бил лош во математика и тој лично се има изнасмеано на глупостите дека добил кец или паднал година. Тоа е мит. Туку, друга е поентата.

Кога се мачиш со нешто, последното нешто што ти треба е да чуеш за некој што не само што не се мачи во истото тоа нешто, туку и одлично му оди. Затоа не треба да му се фалиш дека си истрчал маратон на некој што трча околу зграда и пробува да ослабе, или да му се фалиш како си добил унапредување на некој што не може да најде работа. За тие што не знаат, ова е основен бон-тон.

Туку, пак друго беше муабетот… дека истото важи и кај учениците и студентите по науки, на пример. Вообичаената пракса е тие да учат за големите успеси на познатите научници како Ајнштајн или Марија Кири; ама само за успесите. Инспирирани од тоа, група истражувачи, во една неодамнешна студија, сугерираат дека студентите исто така треба да учат и за неуспесите на истите тие големи научници. Да чуеш дека Ајнштајн некогаш имал кец по математика, или повистинито, дека и големите научници се соочувале со куп потешкотии и пречки, може вистински да те мотивира да напредуваш во истото, но и во други полиња.

***

Истражувачите експериментирале со група од околу 400 бруцоши и средношколци од Бронкс и Харлем. Дел од нив читале за откритијата на научниците од ковот на Ајнштајн и Кири како што обично се чита во учебниците т.е. ја читале испегланата верзија за големите достигнувања на големите умови.

Текстот на другата група вклучувал референци за личните потешкотии во животот на научниците, како на пример моментот кога Ајнштајн (по потекло Германец) решил да не се врати во родната земја откако Хитлер дошол на власт, во 1930-тите.

Третата група пак, читала за потешкотиите со кои научниците се среќавале токму во нивното експертско поле. На пример, еве што читале за Кири:

„Фрустрирачко било што многу експерименти завршиле со неуспех; сепак, Кири не дозволувала да остане тажна премногу долго време. Наместо тоа, таа се враќала каде што експериментите не работеле и се обидувала одново. Често работејќи со часови и денови, Кири се фокусирала на решавање на комплексните проблеми и учење од своите грешки. Знаела дека патот до прогресот никогаш не е лесен, и подоцна, рекла: ‘Никогаш не им давам шанса на неуспесите’“.

***

По шест недели, децата што прочитале за овие потешкотии пројавиле тенденција да ги подобрат оценките по научните предмети, а се покажало дека децата со најниски оцени (на почетокот на истражувањето) извлекле најголем бенефит и покажале најголемо подобрување.

Тие пак, во контролната група, кои ги читале нашминканите верзии за постигнувањата на научниците – имале повеќе тенденција да сметаат (и тоа да им го соопштат на истражувачите) дека Ајнштајн и Кири имале „природен талент“ за наука. Проблемот со таквиот став е што импликациите можат да се јават во форма на потиштувачко „Некои се, некои не се предодредени за наука > Јас веројатно не сум предодреден за наука“. Очигледно, останатите две групи во експериментот го немаат тој проблем.

Тоа може да се должи на две нешта. Едното е дека вклучувањето на лични детали и наративи од животите на големите научни фигури, ги прави поинтересни за учениците, па науката станува подостојна за нивното внимание. Другото е дека се работи за мајнд-сет: за идејата дека интелигенцијата и талентот не се целосно фиксирани и можат да се подобрат преку вежбање. А можат.

Значи, да, приказните за успесите се важни. Ама важни се и тие за неуспесите.

- Реклама -