Зошто е корисно да купувате многу книги, макар и да не ги читате?

Учењето преку целиот живот ќе ви помогне да бидете посреќни, да заработите повеќе пари и да останете поздрави, сугерираат истражувањата. Покрај тоа, многу од најпопуларните имиња овие денови – од Бил Гејтс до Илон Маск, инсистираат дека најдобар начин да се биде паметен е да се чита. Што прават тие? Одат и купуваат книги. Многу книги.

Но, животот е брз и намерите се едно, а реалноста – друго. Купувате и вие книги како нив, и одеднаш сфаќате дека полиците ви се полни главно со книги што планирате да ги прочитате, некогаш, еден ден. А свесни сте дека никогаш нема да стигнете да ги прочитате сите, па ни повеќето. Џабе ли сте ги собирале?

Дури и никогаш да не најдете време да ги прочитате повеќето од нив, не, не е џабе.

Зошто е корисно поседувањето на антибиблиотека?

Ова е ставот на авторот и статистичар Nassim Nicholas Thaled, автор на бестселерот „Црниот лебед“ (The Black Swan). Во своите размисли, тој зборува и за легендарната библиотека на италијанскиот писател Умберто Еко, која се состоела од неверојатни 30.000 книги.

Дали Еко ги прочитал сите тие книги? Се разбира дека не. Но тоа не е ни целта на таа/таква прекрасна колекција. Тоа што благодарение на библиотеката писателот постојано се потсетувал дека има многу нешта кои не ги знае, го одржувало интелектуално гладен и непрестајно љубопитен. Константно растечка колекција од книги, иако знаете дека нема сите да ги прочитате, истиот ефект би го имала и врз вас, тврди Талеб.

Личната библиотека е истражувачки инструмент. Прочитаните книги се далеку помалку вредни од непрочитаните

Библиотеката треба да содржи многу повеќе нешта што не ги знаете. Со текот на годините ќе располагате со сé поголема колекција од непрочитани книги околу себе. Колку повеќе знаете, толку повеќе полици со непрочитани книги ќе имате. Ете, таа колекција да ја викаме „антибиблиотека“.

Таа е моќен потсетник за вашите граници – за огромното море од нешта кои не ги знаете, или ги знаете само половично, или за нештата што еден ден ќе се покажат дека сте ги „знаеле“ тотално погрешно. Живеејќи со таков потсетник, еден ден ќе постигнете интелектуална смиреност, која ќе ви помогне во донесувањето решенија, ама и во понатамошното учење.

Луѓето не зборуваат за книгите што не ги проучиле или прочитале, ама добро би било да зборуваат за нив. Зошто?

Зашто е добро познат факт дека најнекомпетентните се тие што се најубедени и најмногу им веруваат на своите способности, вели Талеб, додека најинтелигентните се тие кои се исполнети со сомнежи. Со оглед на тоа, колку посвесно признавате дека не знаете сé, толку побрзо ќе учите.

Затоа, престанете да се фалите колку многу книги купувате, но бидете горди во себе. Тој огромен куп од книги натрупан на полицата, за кој се чудите кога ќе го прочитате, е знак на незнаење. Но со самата свест за тоа до каде ви се протега незнаењето, вие сте веќе чекор понапред од другите. На крај краева, дури и Сократ рекол: „Знам дека ништо не знам“, а важел за најголемиот мудрец.

Во меѓувреме, видеово ќе ве прошета на кратка тура низ библиотеката на Умберто Еко.

- Реклама -