За бебињата знаеме, треба да им зборуваме бидејќи така се зајакнува врската меѓу родителите и детето. Но една понова студија вели дека истиот пристап е добар и со кучињата.
Ако чувате куче, веројатно често му се обраќате со многу емотивен тон и реченици од типот „а бе каци ти?“, „кој е добро куче?“ и слични. Сопствениците на кучиња тоа го прават инстинктивно и прилично несвесно, бидејќи кон своите љубимци чувствуваат блискост.
Проверениот ефект од тоа е дека понекогаш изгледате смешно во очите на тие што немаат куче. Но, Алекс Бенџамин и Кејти Слокомб од универзитетот Јорк седнале да испитаат дали тоа има некаков реален ефект и врз вашето куче.
Научниците го мереле вниманието со кое кучињата реагираат при различен говор. Во првиот дел од експериментот, луѓето им се обраќале на кучињата со говор со каков што би се обратиле и директно кон друга возрасна личност, со типични реченици како „бев вчера во кино“, искажани со нормален тон. Во вториот дел од експериментот, на кучињата им се обраќале со прилагоден говор, како горенаведениот, од типот „Ќе одиме да шетаме?“, „Добро куче!“ и слично, заедно со прилагодена интонација и нагласок.
Откако било измерено вниманието со кое кучињата реагираат на едниот или другиот тип говор, им била дадена можност да одберат со кој од двајцата говорника ќе се дружат. Резултатите ги погодувате – кучињата ги бирале луѓето кои им се обраќале со говорот прилагоден за кучиња.
Тоа докажува дека милото обраќање кон кучињата сепак има реален ефект, исто како и кај луѓето. Што се однесува до содржината, научниците не веруваат дека имала било каква улога во изборот на кучињата, т.е. не е важно што им зборувате, сé додека е со мил тон.