Толстој и Достоевски, Чехов и Пастернак, Набоков и Солженицин…
„Руска реч на македонски“ открива што значат презимињата на руските класици и на нивните ликови.
Пушкин
Александар Пушкин — веројатно најважниот симбол на руската литература и руската култура. Како Данте во Италија или Гете во Германија. Впрочем, за тие што не го владеат рускиот јазик е мошне тешко да ги сфатат причините за ова, затоа што неговата поезија во преводите губи навистина многу. Пушкини се стара благородничка фамилија која ја основал уште во XIV век Григориј Морхинин кој го добил прекарот „Пушка“ (мак. топ). Вистина, во тоа време во Русија артилерија речиси и немало – можно е тој прекар земјопоседникот Морхинин да го добил поради богатата облека од крзнено животно (рус. пушнина, мак. крзно), која можеле да си ја дозволат само многу имашливите луѓе. Денес Пушкин стана речиси митолошка фигура: на пример, родителите можат да му кажат на мрзеливото дете: „Кој ќе учи за тебе, Пушкин ли?“
Лермонтов
Веројатно вториот според важноста руски поет е Михаил Лермонтов, помладиот современик на Пушкин. Неговото презиме има шкотско потекло: предокот на поетот Георг Лермонт преминал во 1613 година на служба во Русија. Интересно е дека презимето на главниот херој на најпознатото дело на Пушкин, романот во стихови „Евгениј Онегин“ е формирано од името на северната река Онега, а Лермонтов му го дал на главниот лик на својот најпознат роман „Херој на нашето време“ презимето Печорин, формирано од името на друга река – исто така северна – Печора.
Толстој
Најголемиот руски прозаист е безусловно авторот на „Војна и мир“, грофот Лав Толстој. Толстој е исто така стара благородничка фамилија чиј прв претставник бил, најверојатно, човек со сосема солидна градба на телото (рус. толстый, мак. корпулентен ). На едниот од хероите на својот втор роман „Ана Каренина“, Толстој му го дал „говорничкото“ презиме Левин (од името Лев што на македонски значи „лав“), јасно алудирајќи дека тој е своевидно alter ego на авторот. Во литературата влегле уште два претставника на фамилијата Толстој: современикот на Лав, Алексеј Константинович Толстој, како и советскиот писател Алексеј Николаевич Толстоја, кој го имал прекарот „црвениот гроф“ поради својата лојалност кон советската власт. Современата руска писателка Татјана Толстој му се паѓа внука.
Достоевски
Презимето на овој голем писател има „географско“ потекло: предците на Фјодор Михајлович се по потекло од белоруското место Достоев. Во романот на Михаил Булгаков „Мајсторот и Маргарита“ ја има оваа сцена: вратарот не сака да ги пушти двата лика во ресторанот Дом на писателите без соодветни потврди, а кога едниот од нив вели дека Достоевски, на пример, немал и не можел да има никаква потврда, одговора: „Достоевски умре“. „Протестирам, – возвраќа другиот, – Достоевски е бесмртен“. Оваа фраза стана мем. Презимето Булгаков, од своја страна, е образувано од широкораспространетото во старо време име Булгак, кое значи „немирен, вревлив.“
Чехов
Ова презиме нема никаква врска со Чесите, туку потекнува од старото руско име Чех (или Чох), кое, од своја страна, е поврзано со глаголот „чихать“ (мак. кива): такви прекари добивале луѓето кои страдале од постојана настинка и кои кивале. Во младоста лекарот Антон Чехов редовно објавувал во периодиката хумористични раскази и користел разни псевдоними; најпознатиот од нив е Антоша Чехонте, а меѓу останатите биле и Брат на мојот брат, Лаерт, Улис, Човекот без слезинка, Шампањски и Шилер Шекспирович Гете. Во еден од неговите раскази „Коњско презиме“ херојот се обидува, неуспешно разгледувајќи десетици варијанти, да се сети на заборавеното презиме кое на некој начин е поврзано со коњ; на крајот излегува дека тоа презиме е Овсов (од „овес“, храна за коњи).
Нобеловски писатели
Во ХХ век петмина руски писатели станале лауреати на Нобеловата награда за литература: Иван Бунин, Борис Пастернак, Михаил Шолохов, Александар Солженицин и Јосиф Бродски.
Презимето на Бунин е образувано од прекарот Буња кој порано му го давале на надмен и горд човек.
Пастернак е презиме според име на зеленчук (рус. пастернак, мак. пашканат), а презимето на херојот на познатиот пастернаков роман “Доктор Живаго“ зборува за припадноста на главниот лик на дворјанскиот род, на што укажува карактеристичната стара наставка „-аго“ (во современа варијанта – Генитив на придавката „жив“ т.е. „на жив“).
Презимето на Шолохов потекнува од придавката „шолохий“, кое во многу говори означува „со грубо лице“, односно човек со дупчиња на лицето од сипаници.
Презимето на Солженицин е образувано од зборот „солженицы“ – така ги викале оние кои се занимавале со „соложенье“, т.е. со одгледување и сушење на слад. А презимето на главниот лик на неговата најпозната повест „Еден ден од животот на Иван Денисович“ Шухов е образувано, најверојатно, од Шуха – една од деминутивните форми на името Александар (Саша – Сашуха – Шуха); односно, како и Толстој во случајот со Левин, Солженицин веројатно индиректно имплицира со помош на тоа литературно изразно средство дека во наведениот случај пишува за самиот себе.
Бродски е типично „географско“ презиме кое укажува дека предците на поетот биле родум од галицискиот (а денес се наоѓа на територијата на Украина) град Броди.
Набоков и Ерофеев
И уште за двајца познати автори.
Презимето на Владимир Набоков потекнува од зборот „набокий“ кој означува „кривобок, оној кој накривнува на една страна“. Кога во втората половина од животот Набоков, кој живеел во емиграција, почнал да пишува на англиски и се здобил (по објавувањето на „Лолита“) со популарност во Америка, тој истакнувал дека неговото презиме им задава на Американците определени тешкотии при неговото изговарање: тие постојано го изговарале како Набаков или Набуков.
Потеклото на презимето на авторот на познатата поема во проза „Москва – Петушки“ Венедикт Ерофеев е очевидно: тоа е образувано од старото име Ерофеј. Но и со ова презиме е поврзана една анегдота. Во денешно време пишува и често објавува на Запад презимењакот на покојниот Венедикт, Виктор Ерофеев, кој доколку го напишат како В. Ерофеев, фактички излегува како негов имењак во целост.