Зошто да престанеш да пиеш флаширана вода

bottled-water[1]

Во 2015-та, среде најголемата суша во западен САД, извршниот директор на Нестле изнервира многу луѓе кога рече дека нема да престане да флашира вода во фабриката на компанијата во Калифорнија, која се наоѓаше не многу далеку од сувите бунари на луѓето. Напротив, тој рече дека би флаширал уште повеќе кога би можел, бидејќи Американците не можеле да престанат да ја купуваат.

Како реакција, луѓето почнаа да ја твитаат страната со брендовите на флаширана вода што ги произведува Нестле и да ги повикуваат другите на бојкот на овие брендови. Реално, тие брендови треба да се бојкотираат колку што треба да се бојкотираат и другите брендови. Стварно треба. Една студија од годинава, спроведена на универзитетот Вашингтон во Сент Луис – каде што флашираната вода е забранета од пред 7 години, покажа дека продажбата на сите флаширани пијалоци опаднала за 40% по воведувањето на таа забрана. Во еден аспект, тоа значи дека на компаниите што произведуваат пијалоци не им одговара да пиеш вода од чешма.

Нејсе, флашираната вода не треба да се бојкотира заради сушата во Калифорнија, затоа што CEO-то на Нестле е кретен, или затоа што компаниите профитираат од вода што им припаѓа на рибите (пред сé) и на сите луѓе. Патем, секаде каде што се флашира вода, луѓето не знаат колку всушност вода се флашира, бидејќи тие информации се заштитени од владите.

Причината за општ бојкот на флашираната вода е тоа што во спротивно нé очекува срање иднина, како човештво.

Да ја бојкотираш флашираната вода значи дека ја поддржуваш идејата дека пристапот до чиста и безбедна вода е не само основно човеково право, туку и голем технолошки триумф на човештвото, кој вреди да биде штитен. Да ја бојкотираш флашираната вода значи дека веруваш дека обезбедувањето на јавен пристап до овој ресурс е единствениот начин да ја имаме и годините што следат.

Чистата и безбедна вода за пиење што тече од нашите чешми е инженерско достигнување што луѓето го усовршуваат веќе два милениума. Таа е основа на цивилизацијата. Таа е темелот врз кој се изградени нашите градови. Низ годините, научниците и хидролозите и техничарите кои помогнаа да имаме вода во нашите домови, исто така станаа и наши еколошки лидери, надгледувачи на инфраструктурата, урбани визионери. Пиењето на водата што овие луѓе ја донесоа во нашите домови е најдобриот начин да се обезбеди и иден пристап до водата, глобално.

Компаниите што пакуваат вода во шишиња за една употреба не се загрижени за иднината. Тие не се занимаваат со долгорочните ефекти од климатските промени или загрозената водосостојба, ниту пак работат на тоа да ги подготват големите градови за претстојната природна катастрофа. Она за што тие се заинтересирани во крајна смисла е следново: рекламирање на водата како „здрав“ продукт – со цел да се компензира и прикрие фактот што луѓето сé помалку ги купуваат нивните други сокови и пијалоци за кои е познато дека предизвикуваат дијабетес и гојазност – и продавање на истата по цени што се од 240 до 10.000 пати повисоки од таа што ја плаќаме за водата од чешма.

Да се пие општинската вода од чешма значи да си поврзан (не само преку цевки) со локалниот воден систем, каде што целите се да се размислува за големата слика и за зачувување на природните ресурси, за обнова на локалните резерви и за изградба на солидна инфраструктура за дистрибуирање на водата до населението.

Да пиеш флаширана вода значи дека си соучесник на корпорациите од кои не се бара ниту јавно да објават било каква информација за тоа како ги намалуваат трошоците, како ги експлоатираат работниците, како копаат бунари или како користат фосилни горива во системот на дистрибуција на нивната прескапа вода до нашите раце.

Не дека јавните водоводни системи се совршени и не им треба подобрување. Јавните фонтани и чешми за пиење се добар пример за запоставена инфаструктура во денешните градови. Некогаш ги имаше на секој чекор, а сега овие чуда на модерниот живот пропаѓаат во никогаш претходно виден очај. Уште од древни времиња фонтаните биле чудо – затоа многу од нив се градени во форма на скулптури на богови, бидејќи водата била дар од боговите и луксуз. Сега кога ја имаме, ги гасиме и наместо тоа купуваме шишиња. Не е само во парковите и јавните места – во многу земји училиштата решаваат дека е многу скапо да ги сменат цевките, па се откажуваат од фонтаните за пиење во школските дворови, охрабрувајќи ги децата да купуваат флаширана вода.

Издигнувањето на овие урбани извори на свежа вода во мали светилишта на свеста, може да го воздигне проблемот околу пристапот до водата на позиција на врвен приоритет – и да обезбеди подобар водоводен сервис. Минатата недела, Лос Анџелес прогласи „Ден на водата од чешма“, во знак на прослава на нивните нови „станици за пиење“ и новата апликација што има за цел да ги мапира и да ги преуреди сите градски фонтани. Веројатно тоа е начинот да се натераат луѓето да почнат да ја ценат улогата на водата во нашите градови – со работа и со подобрување на највидливиот пристап до водата, пред очите на јавноста.

Но не треба да се застане само на локално ниво. Мораме да размислуваме пошироко, глобално. 11% од човечката популација на Земјата нема пристап до безбедна вода за пиење. Кризи со контаминирана вода има насекаде. Затоа треба да се фокусираме на дизајнирање и градење на масивен, ефикасен и траен воден систем за сите делови и секој човек на планетата. Секое купено шише флаширана вода е даден глас против таквата цел.

Да се бојкотира флашираната вода значи и да се размислува долгорочно околу зачувување на резервите на безбедна вода за пиење на планетата. Дури и да живееш до резервоар полн со свежа дождовница, тоа не го менува фактот што пивката вода на планетава ја снемува сé повеќе со секоја измината година. Индустријата за флаширана вода е една од најбрзорастечките на планетата. Лани заработи 100 милијарди долари – сума што се очекува да се дуплира во следните 5 години. Како ти изгледа, кон што води тоа? А сега земи го во предвид и фактот што за полнење на едно шише флаширана вода, всушност се трошат три шишиња…

Секоја голтка од пластичното шише во име на конформизмот и модерните удобства нé води чекор поблизу до свет без чиста вода за пиење. Не се работи за сушата во некоја си Калифорнија или во Африка. Се работи за секоја идна суша на планетава.

- Реклама -