Зошто Биткоин во Зимбабве е скоро дупло поскап отколку во останатиот свет

Додека вредноста на биткоинот се менува на дневна основа и кај многумина предизвикува мини-инфаркти (на пример, падна од 8.000 на 6.300 долари), „народната валута“ (како што го нарекуваат) доживува вистинска експанзија во Зимбабве.

Со оглед дека во оваа земја неодамна дојде до поскапување на основните животни намирници и услугите, се стравува дека повторно би можело да дојде до хиперинфлација, како во 2008 година. Токму поради тоа, во Зимбабве на криптовалутите се гледа како на средство за заштита од инфлација и финансиски тешкотии, заради што менувачницата на криптовалути Golix ја подигна вредноста на Биткоин на 12.105 долари.

Иако ширум светот вртат предупредувања дека Биткоин е балон кој би можел да имплодира во секој момент, финансискиот систем во Зимбабве целосно го прифаќа таквиот ризик. Граѓаните сé почесто се одлучуваат своите финансии да ги префрлат во криптовалути. Арнолд Манхизва – IT експерт од телеком компанијата во Хараре (главниот град на Зимбабве), вели дека и тој сите свои пари ги префрлил во Биткоин, бидејќи смета дека тоа е единствен начин да ги заштити своите инвестиции.

Владата на Зимбабве го усвои американскиот долар во 2009-та година, по што хиперинфлацијата ја уништи домашната валута, а многу од граѓаните останаа без своите заштеди. По извесен период на релативна стабилност, дојде до недостаток од физички пари, па на сметките на жителите на Зимбабве останаа електронски единици кои официјално беа нарекувани „долари“, но имаа далеку помала вредност.

Прочитајте и:  Крипто-манија на славните – инвестираат милиони во криптовалути

Во јануари, на пример, тие кои сакаа од своите сметки да подигнат 100 физички долари, мораа да подигнат 120 електронски (викани и „золари“). Сега, за да го направат истото, мораат да подигнат 180 золари. Скоро сите трансакции се обавуваат преку кредитни картички и мобилни телефони, а економистите проценуваат дека кога станува збор за золарите, инфлацијата расте за 50% на месечно ниво. Тоа е многу повеќе од тоа што го покажуваат официјалните податоци за инфлацијата, кои велат дека се работи за 0.38 проценти.

Па така, граѓаните на Зимбабве се обидуваат на сите можни начини да си ги сочуваат инвестициите и заштедите. Ризикот со криптовалутите е присутен и дефинитивно јасен – кога вредноста на Биткоин падна за повеќе од 1.000 долари за само една недела, во менувачницата на Golix на 12-ти ноември вредноста падна на 11.000 долари (од $12.105, нели) – што претставува пад од 8% за само 24 часа. Но дури и во таквата ситуација, споредено со золарите, за луѓето од Зимбабве Биткоин и криптовалутите изгледаат како далеку побезбедната варијанта.

АПДЕЈТ: Цената на Биткоин во Зимбабве полуде. Како резултат на тоа што воените сили ја преземаа власта, цената достигна 13.499 долари.

- Реклама -