Дури и да немаш видено палма со очи, ти всушност конзумираш палмино масло „на велико“. Ако земеш било кој спакуван производ од полица во супермаркет, има 50% веројатност да содржи палмино масло.
Оваа суровина се користи во сè и сешто – од тестото за пици, до сладолед и шампони. Од 2000-та наваму, глобалната потрошувачка на палмино масло е зголемена повеќе од двојно, и, според податоците на Gro Intelligence, во 2015-та веќе достигнува 7.7 килограми по човек годишно.
Вкупно 85% од палминото масло кое се користи низ светот се произведува во Малезија и Индонезија.
Палминото масло е толку популарно зашто има висока отпорност на оксидација – што значи дека е долготрајно, може да се користи и за пржење, а е и погодно за употреба при високи температури. Се користи и во детергентите, а и како суровина за производство на биогорива. Масните киселини кои се добиваат од палминото масло, пак, се користат и за производство на козметика, а и во фармацевтскиот сектор.
Маслените палми, чија татковина е Африка, се увезени во Малезија од Британците во 70-тите години на 19 век, чисто од декоративни причини. Стопанската индустрија во земјата заживува во 1917 година, откако Хенри Фауконие засадува палми во Селангор, откако претходно посетува плантажа во Индонезија од каде ќе набави семиња. Експанзијата е поддржана како дел од државните мерки за ублажување на сиромаштијата преку зголемување на земјоделското производство, при што во 1961 година плантажите за каучук се заменети со плантажи за палмино масло. Во 1989 година тоа станува главниот производ на Малезија.
Производството се зголеми за над три пати од 1990 година наваму, достигнувајќи рекордни 19.96 милиони метрички тони во 2015 година. Ланската суша предизвикана од климатскиот феномен Ел Нињо го ограничи локалното производство, ама не и глобалното, кое исто така се зголемува паралалено со побарувачката. Главната причина е што палминото масло, особено во Индонезија, се користи за производство на биогорива.
Оваа долгогодишна експанзија во Малезија и Индонезија неминовно доведе и до низа проблеми. Фармерите и корпорациите често се обвинувани за нелегална сеча и подметнување пожари со цел расчистување на површини за нови плантажи. Со уништувањето на шумите страда и природната средина на животните; страда целиот биодиверзитет, но меѓу најзасегнатите се орангутаните.
Во 2004 година индустријата формираше таканаречена „Тркалезна маса“ – тело кое (би требало да) се залага за одржлива експлоатација на палминото масло и е задолжено за поставување стандарди и издавање на сертификати поврзани со заштитата на животната средина и трудот.
Земјоделството придонесе со 8.9% од БДП на Малезија во 2015 година, а уделот на палминото масло во секторот е 47%. Во Малезија има над 600.000 мали производители и над 4 милиони работници кои директно или индиректно се поврзани со индустријата на палмино масло.
Земјата се стреми да ги зголеми приходите од овој ресурс преку нова алтернативна стратегија за биомаса, која има за цел да создаде 66.000 нови работни места и да го зголеми придонесот на индустријата кон БДП-то на Малезија со 30 милијарди рингити (6.9 милијарди долари).