Благодарение на Александар Балаловски деновиве на Android Market се појави мобилната верзија на Златна Книга, апликација која најпрво можеби требаше да ја видиме во официјална верзија.
Апдејт: Апликацијата е извадена од Маркетот бидејќи ги прекршува авторските права. Следете ја дискусијата на Twitter хаштагот #zlatnakniga за повеќе информации и идно развивање на настаните.
Како и да е, апликацијата е тука, па да се надеваме дека Златна Книга нема да ја блокира и да го оневозможи пристапот на илјадници македонски Android корисници до нејзините информации. Сепак, податоците кои оваа апликација ги нуди се јавно достапни, а се генерираат преку веб-страницата на Златна Книга.
Со едноставен интерфејс и неколку најважни категории на почетната страница, ова е апликација која во движење ќе ви ги даде потребните информации за бизниси, ресторани, хотели, амбуланти и сè што се наоѓа во базата на Златна Книга за подрачјето на Македонија.
Дополнително, ако кликнете на резултатот, ќе добиете екран со местото означено на Google Maps и вашата локација, можност да го посетите сајтот како и директно да свртите на телефонскиот број, што е навистина корисно.
Доколку почесто се јавувате и не би сакале секојпат да ја пребарувате Златна Книга, опцијата „Зачувај“ ќе го внесе името и телефонскиот број во вашиот именик, кој е синхронизиран со Google сметката.
Апликацијата на Александар може да ја преземете во Маркетот (Zlatna Kniga). Објавена е под GPLv2 лиценца и работи на Android 1.6+. Доколку пак имате забелешки за нејзиното работење, испратете ги вашите коментари до авторот.