„Зиддојче цајтунг“: Меркел се спротивставила на датум за Северна Македонија во јуни

Денешната статија во германскиот „Зиддојче цајтунг“ индиректно го потврдува излагањето на пратеникот од опозициските Зелени – Јирген Тритин, кој на вчерашната расправа во Бундестагот рече дека токму канцеларката Ангела Меркел е кочничар на расправата во Бундестагот по прашањето за подготвеноста на Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во Европската унија.

 

Повикувајќи се на свои неименувани извори, „Зиддојче цајтунг“ пишува дека Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Северна Македонија. Според весникот, на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот Меркел јасно ставила до знаење дека одлука за датумот за преговори е можно да се донесе „најрано во октомври“, пренесува „Дојче веле“.

„Со тоа, канцеларката застана јасно наспроти својот коалициски партнер – СПД, која се залага за гласање за датумот во Европскиот совет веќе на 18 јуни. Државниот министер за надворешни – Михаел Рот, од СПД, во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на ‘отворени уши’ кај ЦДУ и ЦСУ“, пишува весникот.

Вчера, на расправата за ратификација на Протоколот за членство на земјава во НАТО, Тритин изрази сериозен сомнеж дека Меркел и нејзината ЦДУ ја сакаат Северна Македонија само во НАТО, а не и во ЕУ, и дека тенденциозното одлагање на расправата за датумот за преговори во Бундестагот се прави за да се купи време во корист на грчката опозициска (и националистичка, како што ја нарече) Нова Демократија, за која се очекува да победи на предвремените избори во Грција на 7 јули и потоа долгорочно да ја блокира евроинтеграцијата на земјава.

На Тритин му реплицираше пратеницикот на ЦДУ – Кристијан Шмит, кој оцени дека таквите ставови немаат „врска со реалноста”, образложувајќи дека причина за „одолговлекувањето“ е потребата од внимателно разгледување на извештајот на Европската комисија поради проблемите во Албанија.

 

- Реклама -