Зибери: Секој граѓанин треба да ги знае двата официјални јазика, тоа ќе ги зајакне економските односи со соседите

Задолжителни часови по албански јазик за сите ученици од 5-то одделение е прашање на еднаквост, истакна денеска во Чаир кандидатот за прв премиер Албанец – Насер Зибери, при средба со учителите и наставниците во дворот на училиштето „Хасан Приштина“, каде присуствуваше и Арбер Адеми, носител на листата во втората изборна единица два.

На средбата беа дискутирани потребите на наставниците и можностите за подобрување на квалитетот на образованието, особено еднаквоста во образованието.

Зибери истакна дека негова заложба во првите 100 дена како премиер ќе биде подобрување на иднината на младите и преку задолжително предучилишно образование и градинки во секоја општина. Тоа, рече Зибери, ќе гарантира еднакво образование за сите деца, без оглед на нивниот социјален статус, но и (научно докажано, истакна) ќе им помогне на новите семејства, а притоа ќе придонесе и за намалување на образовните бариери и социјалниот јаз.

Најважната инвестиција во однос на наставниците, сепак, вети Зибери, ќе биде покачување на платата на наставниците на 600 евра:

„Сакам да ја испочитувам беспоштедната работа и придонес на учителите и наставниците во иднината на нашите деца, иднината на нашето општество. Ги доверуваме нашите деца во нивните раце, не постои поголема одговорност. Оваа одговорност мора да биде компензирана“, порача Зибери.

 

Во однос на задолжителното учење албански, Зибери истакна дека Законот за јазици е донесен од страна на Собранието на Република Северна Македонија и албанскиот јазик веќе е официјален јазик во земјата.

„Ова е најважното достигнување за нас Албанците, но не е доволно“, истакна Зибери. „Бидејќи албанскиот е официјален јазик, убеден сум дека не само Албанците, туку сите граѓани треба да го учат. Ова не е прашање само на еднаквост. Дополнителен јазик секогаш е богатство за сите и ќе доведе до подобро разбирање во нашето мултиетничко општество. Нема причина зошто било кој граѓанин на Северна Македонија не треба да ги зборува двата официјални јазици во земјата – тоа исто така ќе ги зајакне и нашите пријателски и економски односи со соседните земји кои зборуваат албански. Македонците и Албанците треба да бидат еднакви во нашето општество, како што треба и нашите јазици“.

- Реклама -