Животот си оди: Од Македонија е иселено цело едно Скопје

Пола од младите се невработени, а другата половина најчесто се на минималец од 12.000, било да се инженери или работат во пилјара.

Иако ова е доволно, македонските граѓани имаат уште полна шака други причини да ја напуштат земјата, и тоа во еден правец, неповратно.

На пример, најновите податоци за растот на економијата покажуваат дека го нема, т.е. БДП пораснал за 0 проценти. Истовремено, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека и понатаму секој втор млад човек на возраст меѓу 15 и 24 години нема работа.

Има ли реална основа да се понадеваме дека трендот запира, или барем се намалува? Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), нема простор за загриженост. Имено, статистиките за надворешните миграции покажуваат дека во 2016 година од Македонија си заминале 440, а во 2015 година – 767 лица. Во споредба со бројките од 1994 до 2013 година, кога се отселиле 11.380 лица, бројкиве се супер.

Само што… Овде се пребројани само лицата кои ги известиле надлежните во државава дека веќе имаат адреса во странство. Што мислите, колку од иселените мрднале со прст за да ги известат државните служби кои пет пари не давале за нив – дека си одат?

Туку, ајде да ги разгледаме релевантните податоци. На пример, континуираното опаѓање на бројот на работоспособно население, особено тоа на возраст од 15 до 25 години, и од 25 до 49 години. Зборуваме за пад од околу десетина илјади лица годишно. Тоа, или фактот што, како што покажува статистиката, секоја година се намалува и бројот на запишани основци и средношколци. Овие и куп други податоци јасно говорат дека земјава незапирливо се празни.

Меѓународните организации со години предупредуваат на иселувањата од балканските земји. Според нивните податоци, една четвртина од населението веќе не живее таму. За Македонија предупредувањата се уште пострашни. Аналитичарите на Светска банка проценуваат дека до 2010 година Македонија ја напуштиле 440.000 граѓани, а до крајот на 2013, за кога се најновите податоци, бројката се зголемила за уште 200.000. Значи, вкупно зборуваме за 626.312 лица. Со други зборови, од Македонија се иселил речиси секој трет жител, т.е. 30.2 проценти од населението.

Ако се претпостави дека тој тренд продолжил со исто темпо и во наредните четири години во 2013-та, што е многу веројатно, од Македонија денес фали едно цело полно Скопје, во кое според ДЗС (со оглед на немање попис) има нешто над 800.000 жители.

Извор

- Реклама -