„Не сум во состојба да зборувам. Сè уште не знам зошто ова се случи. Сè уште го чекам епилогот од сето ова. Уште не ми е јасно зошто мојот најнормален живот се претвори во пекол. Мене ми е несфатливо како и зошто моето прекрасно девојче ми е сега во гроб“, изјавила мајката на убиената Вања Ѓорчевска, за српскиот портал „Република“.
„Јас имам хронична болест, но се држам, важно ми е само да ја дознаам вистината. А другата ќерка ми е моментално болна, сите се надеваат дека ќе биде добро. Ве молам, премногу ве молам да почекате да дознаеме зошто ова се случило“, рекла Ѓорчевска, која одбила понатаму да одговори за нејзината друга ќерка, за тоа како е таа и како се носи со сето ова, или колку години има, додавајќи дека сега најважно ѝ е нејзе да ја заштити.
Новинарите, сепак, ја прашале и за сопругот, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помогнал при грабнувањето на девојчето со тоа што им дал информации во колку часот неговата ќерка ќе излезе од дома.
Мајката, меѓутоа, не сака да се изјаснува за него, освен дека биле во добри односи заради децата иако се разведени и дека не го следи неговиот живот.
„Велам дека ништо не знам. Мене сето ова ми е нереално. Но разведени сме пет години и јас не знам што правел и со кого. Бевме во добри односи заради децата. Не се каравме околу старателството, смееше да ги види кога ќе посака или кога тие ќе посакаат“, рекла таа за „Република“.
Не знае ниту дали Александар бил во коцкарски долгови:
„Не знам и неговиот живот не ме интересираше. Мојот живот беа децата и мојата работа. Беше оставен на мир за тој мене да ме остави на мир. Кога зборувавме, зборувавме за децата. Ве молам повеќе не ми поставувајте прашања бидејќи и јас себе си поставувам многу прашања зошто ова се случило. И чекам да дознаам“, рекла таа.
Во разговорот, мајката на Вања рекла и дека има „најголема можна доверба во полицијата“, наведува „Република“.