Хонгконг е еден од најбогатите градови во Азија, а сепак, стотици илјади луѓе живеат во простор што владата го нарекува „неадекватно живеалиште“, што во многу од случаите доаѓа буквално во форма на мали метални кафези.
Интензивната криза со сместување ја оддува можноста за купување на свој дом далеку од дофатот на многумина. Добар дел од претприемачите, пак, го искористија тоа и изградија згради во кои еден стан е поделен на два или три „стана“, не многу поголеми од еден кревет. Со површина од 16 метри квадратни, овие станови се нелегални, но владата традиционално не сака да преземе ништо околу тоа, дозволувајќи им на сопствениците да се наполнат со лесни пари на грбот на сиромашните и работниците дојдени од други региони. Месечната кирија за овие „станови“ се движи од 170 до 190 долари – цена што ако се пресмета според површината, излегува поскапа и од најлуксузните апартмани во Хонгконг.
И сепак, ова е подобрата варијанта. Ви текнува дека спомнавме метални кафези? Во стотици згради, на секој кат, постојат соби без ѕидови, во кои живеат по 30-тина луѓе, одделени единствено од решетките од кафезите што го обиколуваат нивниот кревет. Во најсиромашните региони на Хонгконг, овие живеалишта се стандард. Обединетите Нации ваквите услови за живот ги нарекуваат „навреда за човечкото достоинство“. Фотографииве јасно покажуваат зошто:
Еден степен над овие, се таканаречените „кјубиклс“ (коцки) за кои зборувавме погоре. Еве еден мал документарец на темата. Нема да ви се верува каде сé живеат луѓе.