Живот во гратче со четворица жители

Во Tilt Cove, на канадскиот полуостров Baie Verte, сé уште има неколку жители што не потклекнуваат и не сакаат да го напуштат домот. Tilt Cove е најмалиот град во Канада, а упорните жители се вкупно четворица.

Администрацијата во градот ја води Маргарет Колинс. Градоначалник е нејзиниот сопруг Дон. Први соседи им се братот на Маргарет и неговата сопруга. Тие се градски советници…

Сé уште плаќаат даноци, а од властите добиваат некаква минимална помош, доволна за да преживеат, раскажува Маргарет за CBC. Од 2015-та наваму, населението на градот опаднало за над 40%. Прво починала свекрвата на Маргарет, а лани и нејзината мајка. Во меѓувреме и една постара жителка се преселила во La Scie – 12 километри подалеку од Tilt Cove.

Па така, во улога на цела градска администрација, Маргарет ги плаќа сметките за двете улични бандери и градската вода до преостанатите две домаќинства. Плаќа и за транспорт на отпадот, и за чистење снег во текот на зимата. Заедно со сопругот се грижат и за градскиот музеј, иако не можат да се пофалат со многу гости, особено во зимските месеци.

Патот што води кон Tilt Cove, пак, е последен на листата на приоритети кога се работи за чистење на снегот, бидејќи во градот нема деца. Дури и Маргарет признава дека Tilt Cove има премногу снег, и вели дека тоа е единствената лоша страна на животот таму.

Кога стоплува времето, населението на градот доживува огромен пораст, некогаш и од 275%. Во бројки, тоа се 10, а некогаш дури и 11 жители. Но им доаѓаат и бројни туристи, барем тие кои се решаваат да го тепаат 6-километарскиот земјен пат до Tilt Cove. Сепак, љубопитни се да го видат најмалиот град во Канада, а и да се сликаат со знакот на влезот (на првата слика).

Во својот пик, Tilt Cove имал кино, куглана и сала за карлинг, а имале и ноќен клуб. Сега има четири постојани жители, сите во своите 50-ти години од животот. Тие мораат сами да си наоѓаат забава. Најчесто се тоа карти, или трачарење, раскажува Маргарет. Не потенцира кого тоа оговараат…

Но сепак, иако стареат и не знаат што ќе се случи со нив и со градот во иднина, за сега им се допаѓа животот во Tilt Cove. „А и предност ни е што ги познаваме сите соседи“, вели градската администрација (Маргарет, нели).

Некогаш Tilt Cove беше рударски град богат со бакар, со население од 2.000 жители. По еден неочекуван колапс во 1967 година, рудникот беше затворен, а локалните жители останаа без работа и беа принудени да го напуштат, засекогаш.

- Реклама -