Овие нашиве мразови се гола вода во споредба со најстуденото село на Земјата – Ојмјакон во Русија. Во 1924 година таму е забележана температура од -71.2°C, а просечната температура во јануари е -50°C. Со тоа, Ојмјакон е најстуденото постојано населено место на планетата.
Восхитен од таквите податоци, новозеландскиот фотограф Amos Chapple реши да помине два дена во Ојмјакон.
„Носев тенки панталони кога прв пат стапнав надвор на -47°C. Се сеќавам дека се чувствував како студот физички да ми ги зграбува нозете; другото изненадување беше дека одвреме навреме плунката ми замрзнуваше во иглички кои ми ги боцкаа усните“, раскажува фотографот за weather.com.
Сепак, вели дека најголемиот проблем го имал со фокусот на камерата и зумот на објективот, бидејќи деловите од камерата замрзнувале и станувале неподвижни.