Малкумина би се нафатиле да го прават она што тој го прави, но Наото Мацумара го прави лесно и од срце. По разорниот земјотрес во Јапонија во март 2011-тата, тој реши да остане во „забранетата зона“ во Фукушима, и покрај опасноста од топење на реакторот на нуклеарната централа.
Живее во малото гратче Томиока, на 11 километри од нуклеарната централа. Единствената причина што се уште живее таму е тоа што се грижи за еден куп животни што останаа напуштени по евакуацијата на областа.
Најпрво, Наото ја напуштил областа како и сите други жители. Сепак, немал (како што и денес нема) срце да ги остави животните на цедило, па се вратил да се грижи за нив.
Како што во 2011-тата раскажа за Vice, кога се вратил во Фукушима, кучињата се уште биле врзани, оставени на милост и немилост на сопствениците да се вратат и да ги згрижат, или барем да ги ослободат. Наото смета дека тоа е резултат на тоа што луѓето што ја напуштиле областа биле уверени дека брзо ќе се вратат. Но, тоа не се случило.
„Оттогаш, ги хранев сите мачки и кучиња, секој ден. Тие не можеа да го поднесат чекањето, па ќе се собереа во група и ќе лаеја колку што можат погласно, веднаш штом ќе го слушнат мојот камион. Каде и да отидев, тие секогаш лаеја. Како да велеа „жедни сме“ или „немаме храна“. Па така, продолжив со патролите“.
До ден денес, тој ги храни и згрижува сите животни што ќе ги сретне. Почнал со кучињата, а денес меѓу неговите штитеници има секакви – кучиња, мачки, крави, коњи и ноеви. Тој се грижи дури и за младите животинчиња што во меѓувреме се родени во опасната зона. Четири години подоцна, неговата добрина се расчу и надвор од „зоната“. Мацумара сега има и помош – луѓето надвор Од „забранетата зона“ постојано му праќаат донации во форма на вода и храна.
Ете како малку добрина може да зачне исклучително хумано дело.