Жителите на Валенсија опишуваат сцени како од ноќна мора – досега од поплавите има најмалку 160 загинати

Полицијата, пак, уапсила 39 лица што биле дел од криминалните операции околу трговските области погодени од поплавите

Бројот на жртвите од невремето што предизвика поплави во Валенсија се зголеми на 161, јавува шпанската новинска агенција Ефе. Жителите ги опишуваат сцените од поплавата како слики од ноќна мора, велејќи дека речиси и да не постои жител што овие неколку дена не доживеал лична трагедија.

Претседателот на регионот Валенсија, Карлос Мазон денеска најави дека Армијата е повикана да им помогне на тешко погодените области од поплавите.

Поплави во Шпанија / Фото: EPA-EFE/MANU

Во потрага по исчезнатите веќе се распоредени повеќе од илјада војници од шпанските спасувачки единици што им се придружија на регионалните и локалните работници за итни случаи.

Министерството за одбрана на Шпанија соопшти дека само војниците до синоќа извлекле 22 тела и спасиле 110 лица од поплавеното подрачје.

Полицијата, пак, уапсила 39 лица што биле дел од криминалните операции околу трговските области погодени од поплавите.

Ова е и голема загуба за фармерите, бидејќи се соочуваат со голема загуба на добитокот.

Снабдувањето со електрична енергија е вратено кај 75 отсто од корисниците во Валенсија.

- Реклама -