Револтирана група жители од селото Оризари утрово насилно влегла во просториите на ЕВН во Куманово, објави порталот „Плусинфо“, повикувајќи се на извори од Електродистрибуција. Имено, тие бараат веднаш да биде отстранет проблемот и да им биде пуштена струјата.
Оризари, заедно со уште неколку села, остана без струја поради упадот на жителите на Слупчане во трафостаниците на ЕВН. Слупчанци не ги пуштаат екипите на ЕВН да го поправат дефектот додека не се исполнат нивните апсурдни барања, меѓу кои и да плаќаат максимум 3.000 денари без оглед колку ќе потрошат.
Од ЕВН информираа и дека во текот на ноќта слупчанци предизвикале нов дефект, кој ги оставил без струја селата Матејче, Виштица и Никуштак.
Според компанијата, сите овие дефекти се санирани, освен Слупчане и Оризари, кои сѐ уште се без електрична енергија. Од ЕВН се категорични дека сѐ додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција, нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска им порача на слупчанци дека сите треба да плаќаат струја колку што потрошиле, бидејќи, како што се образложува во соопштението на министерството, „така функционира пазарната економија“.