Жестока реакција на Институтот за историја за предлогот на МОН: Скандалозен и дилетантски потег за кој не бевме ниту информирани, а уште помалку консултирани

Институтот за историја при Универзитетот при Филозофскиот факултет во Скопје, се огласи со жестока критика за најавениот концепт според кој, меѓу другото, историјата ќе се изучува во рамки на предметот општествени науки, заедно со други, според Министерството за образование, поврзани предмети.

Реакцијата е потпишана како едногласен став на сите членови на Институтот, а во неа беспоштедно се критикуваат како предложениот концепт, така и неговите идејни творци. Па така, според членовите на Институтот, предлогот за спојување на историјата со други предмети е „нетранспарантен“, „скандалозен“ и „дилетантски“ потег, „однапред осуден на пропаст“, а неговите идејни творци, освен што се „некомпетентни“, „покажуваат и елементарно непознавања на материјата која мислат дека ја реформираат“.

Соопштението го пренесуваме во целост:

Како матица на историското образование и наука во македонската држава од нејзиното основање до денес, чии кадри претставуваат потпора и темел на сите нивоа и сегменти на македонското образование, исполнувајќи ја својата општествена должност и совест, Институтот за историја соопштува:

1. Таканаречениот „Концепт“ што го нуди МОН е донесен на целосно нетранспарентен начин, без консултација ниту со Институтот или други високошколски установи, ниту со научната и професионалната јавност. Институтот цени дека е скандалозно да се влечат вакви сериозни потези без воопшто и да се информира – а не пак да се побара совет од струката, од која утреден ќе се бара планираното да го спроведе во дело, во училишните клупи.

2. Идејните творци на концептот не само што немаат компетенции да го реформираат начинот на кој една научна дисциплина се доближува до учениците, туку покажуваат и елементарно непознавање на материјата која мислат дека ја реформираат. Вакви дилетантски потези, како и сите досегашни, се однапред осудени на пропаст.

3. Т.н. „Концепт“ предвидува интегрирање на историјата со науки од сосем различен вид во миг кога македонската историја, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет воопшто, се безмилосно нападнати и неосновано оспорени однадвор. Во еден ваков несреќен момент, секое продолжување на замислената интеграција може да се протолкува како внатрешно институционално содејство со надворешни желби и притисоци.

Со оглед на искажаново, Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје решително го отфрла понудениот концепт и бара од надлежното министерство и Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја.

Едногласно,
членовите на Институтот за Историја

- Реклама -