Турција и Грција разменија остри зборови поради претворањето на Аја Софија во џамија, еден ден по првата молитва откако Аја Софија 86 години беше музеј, јави Екатимерини.
Грција остро ја критикуваше преобразбата на Аја Софија од музеј во џамија, а црковните sвона во знак на жалост ѕвонеа ширум Грција во петокот, додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган присуствуваше на молитва во Аја Софија.
„Грција уште еднаш го покажа своето непријателство кон исламот и Турција со изговор дека реагира на отворањето на џамијата Аја Софија за верниците“, изјави преку соопштение портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Хами Аксои во саботата.
Министерството остро ги осуди непријателските изјави на грчките министри и членовите на парламентот, како и палењето на турското знаме во Солун, се додава.
Аја Софија се отвори за верниците како џамија во согласност со волјата на турскиот народ и ѝ припаѓа на Турција, како и сите други културни добра во земјата, се наведува.
Грчкото Министерство за надворешни работи одговори со изјава, во која се вели дека „меѓународната заедница од 21 век е запрепастена кога ги гледа верските и националистички фанатички талкања на денешна Турција“.
Аја Софија, која изворно била црква до османлиското освојување на Цариград, е многу важна за многу православни Грци.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја нарече Турција „создавач на проблеми“, додека трансформацијата на Аја Софија во џамија ја нарече „навреда за цивилизацијата на 21 век“.
Грција и Турција имаат голем број нерешени прашања, како што се територијалните спорови во Егејското Море и кипарското прашање, чиј северен дел како независна држава го признава само Турција, која изврши инвазија на Кипар во 1974 година.