Жените во Саудиска Арабија сега можат и во војска

Саудиската Дивизија за општа безбедност соопшти дека отсега на саудиските жени ќе им биде дозволено да се пријавуваат во војска.

Регрутките ќе мораат да исполнат 12 услови за да се квалификуваат за служба, вклучително дека мора да се родени и израснати во Саудиска Арабија, како и дека не можат да бидат помлади од 25, а постари од 34 години, потоа да имаат завршено барем средно училиште, како и да го поминат лекарскиот преглед.

Жените кои се мажени за странски државјани, кои имаат досие или биле вработени во владина организација, не ги исполнуваат условите за да станат припадници на армијата.

Новата иницијатива е дел од реформската програма наречена „Визија 2023“, покрената од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој има намера социјално да го реформира конзервативното кралство.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

Годинава на жените во Саудиска Арабија им беше дозволено и да возат автомобили, да одат во кино и на фудбалски натпревари на стадион, но и да почнуваат свои бизниси без одобрение на маж од потесното семејство (сопруг или друг машки роднина).

Од канцеларијата на јавниот обвинител порано месецов соопштија и дека отсега примаат и жени како истражни службеници, претходно царината распиша оглас за вработување жени, а во меѓувреме и шеик Абдула ел Мутлаг (член на Советот на виши експерти на Саудиска Арабија) донесе одлука дека жените треба да се облекуваат скромно, но дека не треба да се присилуваат да носат облека која во јавност им го прекрива целото тело.

- Реклама -