Швајцарските политичари планираат да ги казнуваат возачите кои возат пребучни автомобили низ улиците на Женева.
Се работи за законска одредба со која ќе се ограничи нивото на дозволени децибели. За таа цел, сообраќајните патроли гласните машини ќе ги „ловат“ со радари за бучава, пишува германскиот „Autobild“.
Женевскиот градски совет планира да воведе дозволено максимално ниво на бучава како за автомобилите, така и за камионите и мотоциклите, а најдоцна до средината на оваа година.
На ваква одредба повикуваа и еколозите, кои бараат бучавата да биде ограничена на 80 децибели, што е отприлика колку што е гласна една машина за перење (под 50 децибели се смета за исклучително тивка).
Градските функционери се сложуваат дека жителите на Женева трпат, но и заболуваат од високото ниво на бучава низ улиците.
Што се однесува до уредот, овие радари најпрво ќе ја регистрираат недозволената бучава, а потоа ќе го снимат возилото кое емитува бучава со повеќе од дозволените децибели. Уредот не би требало да биде посебно скап, проценува Дефин Клофенштајн – членка на градскиот совет од Партијата на зелените. Сепак, развој на ваков уред би можел на извесно време да ја одложи мерката, со оглед дека од технички аспект уредот ќе треба да разликува помеѓу различните видови возила.