Железничката станица што постои за само едно девојче

Возот од Санкт Петербург до Мурманск во Русија вози двапати дневно, а за комплетирање на рутата долга околу 1.000 километри му се потребни околу 26 часа.

Попат, возот поминува низ Појаконда – мало населено место со само неколку десетици луѓе, во зима одвај 50-тина, лоцирано во дивината на Арктичкиот круг. Таму немаше железничка станица, но одвреме навреме возовите запираа за да се качат или симнат вработени од железницата.

Веќе неколку години наназад, 14-годишната Карина Козлова им се приклучува на вработените за да стигне до најблиското училиште во Зеленоборски. Нејзината баба, поранешна наставничка, секогаш ја испраќала заедно со уште неколку други деца од местото.

Но денес Козлова е единственото останато дете во селото, а според рускиот портал Gudok, железницата го модифицирала возниот ред и воведува нова официјална станица во близина на Појаконда за да ѝ овозможи да оди и да се враќа од училиште, и тоа во нормално време, за на крајот од денот да може да си ги исполни обврските и да си ја напише домашната.

Претходно, Козлова морала својот распоред на патување да го планира според распоредот на персоналот од руската железница. Патувањето знае да трае и до 3 часа, плус околу 1.5 километри пешки во сурови зимски услови. Утринскиот воз заминува во 7:30 часот, а тој на враќање пристигнува во 21 часот навечер. Но сега, со новата станица, Козлова веќе нема да се враќа доцна навечер.

Во 2016-та имаше сличен случај со железничка станица на јапонскиот остров Хокаидо. Станицата требаше да биде затворена година претходно, но се согласи да постои уште една дополнителна, за 18-годишната Кана Харада – последниот и единствениот патник што ја користеше, да може да ја заврши и последната година во училиште и да матурира. Можеби истата судбина ќе ја снајде и новоотворената станица во Појаконда.

- Реклама -