Швајцарската војска почна со хеликоптери да им доставува вода на илјадниците жедни крави кои страдаат поради сушата и вонредно топлиот бран кој зафати голем дел од Европа.
Со хеликоптери и во големи сини контејнери, војската ги снабди со вода фармите на планината Јура и во подножјето на Алпите. Над 40.000 крави во текот на летото пасат на големи надморски височини на пасиштата во кантонот Во и на западот на Швајцарија, а на секоја во текот на денот и се потребни околу 150 литри вода, велат официјалните лица.
Хеликоптерите наполнија два големи базена со вода, за да можат фармерите да пристапат по асфалтирани патишта и да ги наполнат цистерните, откако десетина фармери побараа помош од војската откако се воведени вонредните мерки минатата седмица.
„Ситуацијата е посебно загрижувачка бидејќи Швајцарија не познава ваква суша, сигурно барем не од 1921 година наваму“, вели шефот на одделението за економија и спорт на кантонот Во.