По инфраструктурното комплетирање на улиците и тротоарите во населбата Жданец, во финална фаза е и изградбата на плоштадот, и целосното реконструирање на скалите кои водат од улицата Козле кон населбата. По тој повод градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски даде изјава за медиумите.
– Покрај реконструкцијата на скалите, ќе бидат поставени бетонски жардиниери со цвеќиња, урбана опрема која ќе се состои од пет корпи за отпадоци и пет клупи, ново осветлување и истите ќе бидат хортикултурно уредени. Освен реновирањето на скалите, истовремено градиме мал плоштад, на кој ќе биде поставена интересна урбана опрема, изработена од нашиот креативен тим. На плоштадот ќе бидат поставени клупи во вид на штипка, стилизирани моливи високи шест метри, две спицијално изработени светилки, пано за графити и локери за велосипеди, појасни првиот човек на Карпош Стевчо Јакимовски.
Општинскиот татко Јакимовски, нагласи дека ова идејно решение, во конкуренција од преку 2400 проекти, е одбрано во првите сто идејни решенија на меѓународен натпревар.
– Ова е само уште еден показател за квалитетот на идејното решение, преку кое граѓаните на населбата Жданец, ќе може да се рекреираат и да уживаат преку ден, како и во ноќните часови, и истото да претставува урбанистичка гордост на самата населба, нагласи Јакимовски.
Јакимовски истакна дека реконструкцијата на скалите со сите елементи на реконструирачкиот зафат ( поставување на корпи, клупи, жардиниери и хидрантска мрежа), ќе чини околу три милиони денари, додека изградбата на плоштадот ќе чини пет милиони денари, односно целиот овој проект ќе чини осум милиони денари, издвоени од буџетот на локалната самоуправа.
По асфалтирањето и реконструкцијата на сите улички и тротоари во оваа населба, ова е последниот проект, со кој граѓаните на Жданец, ќе добијат инфраструктурно модерна населба, и практично сите потреби на жителите од локален карактер ќе бидат задоволени. Очекувам до големиот празник „11 октомври“, плоштадот и скалите и официјално да бидат пуштени во употреба, и жителите на Жданец да може да ги користат нивните бенефити, изјави првиот човек на Општината.