Случајот „Рекет“ внимателно се следи и во Брисел, а за евроамбасадорот во земјава – Самуел Жбогар, судскиот процес се претворил во реално шоу.
„Судскиот процес за кој сведочиме деновиве беше трансформиран од политиката и од некои домашни и странски медиуми во риалити шоу. Тие се обидоа да му ја преземат улогата на судството, да ја играат улогата на ‘Големиот брат’, диктирајќи ги играчите внатре, во куќата, што во случајов е судството… Судството треба да најде сила да му даде отпор на притисокот, независно од каде тој доаѓа, и во тоа има целосна поддршка од наша страна“, рече Жбогар, порачувајќи политичарите да не се мешаат во одлуките на судот, во чии раце, според него, сè уште се наоѓа шансата да се врати довербата во институциите и судството.
Жбогар додаде и дека лажните вести и доведувањето во прашање на сè и сешто станале основен начин на размислување и однесување во земјата. „Секој стана криминалец, што значи дека криминалците станаа анонимни, сите се еднакви, сите се исти“, рече тој.