Жбогар: Не можам да најавам датум за преговори во јуни, но вашите аргументи се силни

„Овде сум во земја која направи тешки одлуки и испорачува реформи. Во земја која носи добри вести на Балканот“, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар на денешното одбележување на Денот на Европа.

Тој порача дека не може да најави датум за почеток на преговори со Европската унија во јуни, бидејќи не одлучува тој, туку земјите членки. Сепак, Жбогар смета дека Северна Македонија има силен случај и убедливи аргументи дека тоа го заслужува, како и дека чашата (на убедливост) продолжува да се полни.

Во меѓувреме, порача тој, на политичарите во земјава им преостанува да покажат недвосмислено единство и да продолжат да работат на реформите и исполнувањето на условите за европска интеграција:

„По неколкуте избори изминатите години кои длабоко ја поделија земјата, време е политичарите и политичките партии да ги остават на страна своите разлики, без оглед дали се идеолошки, етнички или лични. Време е да се демонстрира единство за целта и да се интензивираат напорите, прво за да се започнат пристапните преговори, а потоа и за брзо да се остварува прогрес во преговорите“, апелира евроамбасадорот.

- Реклама -