Не е лесно да се коментираат дискусиите на земјите членки на ЕУ и се воздржува да биде преголем оптимист, одговори евроамбасадорот во земјава – Самуел Жбогар, во интервју за „ТВ24“, прашан што може Македонија да очекува од Европскиот совет на 26 и 27 март, сега кога се исполнети двата клучни услова – методологијата што ја бараше Франција и позитивниот извештај на Европската комисија и новата препорака за започнување на пристапните преговори со Македонија и Албанија.
„Многу ми е тешко да ги коментирам дискусиите на земјите членки. Имате право, методологијата која се бараше сега се наоѓа на масата, најновиот извештај исто така е на масата, така што Комисијата го заврши својот дел од задачата, вашата земја исто така го заврши својот дел, спроведувајќи ги сите реформи, вклучително и усвојувањето на законот за јавно обвинителство на последниот ден пред распуштање на парламентот. Така што, сега се на ред земјите членки. Сите опции се на масата и тие ќе мора да дискутираат и да донесат одлука“, рече Жбогар.
„Се воздржувам од преголем оптимизам, бидејќи никогаш не се знае дали некое ново прашање ќе влета од страна и ќе ја наруши дискусијата, како на пример неуспехот да се изнајде согласност за идниот буџет на ЕУ.
Но, во моментот мислам дека ѕвездите се местат и се надеваме, мислам дека сите се надеваме, конечно да видиме позитивен резултат“, рече Жбогар.
Интервјуто можете да го погледнете ТУКА.