Жените имаат повисок IQ од мажите

Кој е попаметен, момчињата или девојчињата? Ова е вечната борба на половите која започнува во училиште и трае целиот живот.

Според ново истражување на Џејмс Флин, светски познат експерт за тестирање на IQ, жените започнуваат да развиваат предност во однос на мажите кога е мозокот во прашање. Флин анализирал податоци од земји од западна Европа, САД, Канада, Нов Зеланд, Аргентина и Естонија и открил дека првпат по еден век тестирање жените добиваат повисоки резултати од мажите на IQ тестови.

До неодамна женските резултати заостанувале зад оние на мажите до пет проценти по што некои научници ваделе заклучок дека мажите се поинтелигентни од жените. Во последните неколку децении резултатите на двата полови се подобрени, но подобрувањето кај жените е подраматично. „Допрва се дознава целосниот ефект на модерниот живот врз жените“ изјавил Флин за Sunday Times of London.

Тестовите за IQ, или „коефициент на интелигенција“, биле развиени во почетокот на дваесетиот век. Тие ја оценуваат способноста за решавање на проблеми и разбирање на концепти во споредба со остатокот од населението. Тестовите обично ја оценуваат јазичните и математичките способности, меморијата и распознавањето на облици.

Резултат од 130 означува посебна интелигенција а просечниот резултат е некаде околу 100. Иако мултитаскирањето има лоша репутација во научната литература, Флин шпекулира дека одржувањето на рамнотежа помеѓу работата и семејството се одразило позитивно на женските резултати.

Друга можност е дека жените имаат повисок потенцијал за интелигенција – кој станува јасен откако тие имаат повеќе можности надвор од домот. Флин во моментов работи на книга на тема на полови и IQ и вели дека е потребно повеќе истражување за целосно разбирање на резултатите.

- Реклама -