Зендели за етничката припадност во личните карти: Никој ништо не губи, секој ќе си избере дали да му ја пишува или не

Прашањето за етничката припадност во личните карти не е од сега, туку било поставено во Собранието уште во претходниот мандат, но завршило во втор план поради предвремените избори. Сега било проценето дека е момент ова прашање повторно да се стави на маса, истакна пратеникот Фадиљ Зендели од БЕСА, во гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Прашан што добиваме со ваквата измена – освен дека ќе се подобреле меѓуетничките односи, дека ќе се спречеле манипулациите со етничкото потекло за да се заобиколат рамковните квоти при вработување во државните институции и дека се работи за лична желба на многу граѓани – Зендели немаше конкретен одговор.

Напротив, низ целиот разговор тој инсистираше дека со воведување на етничката припадност во личните карти никој ништо не губи и дека перцепцијата што се наметнувала во јавноста дека едни ќе добијат а други ќе изгубат – е сосема погрешна. Потенцираше и дека секој граѓанин ќе може сам да избере дали етничката припадност ќе биде или нема да биде впишана во неговата лична карта.

„Јас би сакал мојата етничка припадност да стои во мојата лична карта и знам дека многу граѓани, и Албанци и Македонци и Турци, би сакале да ја имаат таа можност. Значи никој ништо не губи, сите добиваме. Сите тие што сакаат тоа да го добијат како право и како можност – ќе го имаат. Дали некој нешто губи? Никој ништо не губи“, упорен беше Зендели.

Иако една од главните критики против предлогот во јавноста е тоа што поставувањето на етничката припадност на пиедестал е чекор назад во модерниот и напреден свет, особено ЕУ, кои се стремат кон целосна еднаквост на сите без оглед на групните обележја, тоа што „никој ништо не губи“ е и доволен аргумент за Зендели дека предлогот на БЕСА не е ретрограден процес и не се коси со концептот на „едно општество за сите“.

Зендели не се согласува ниту дека предлогот има националистичка основа, затоа што можноста да им стои етничката припадност во личната карта би ја добиле сите. Националистички предлогот би бил кога Албанците би барале нешто само за нив, категоричен е пратеникот на БЕСА.

Соочен со аргументот дека постојат многу други полиња каде етничката идентификација може, треба и доаѓа до израз, наместо во личната карта – која главно се користи во ситуации (пред институции, во банка и сл.) кога најмалку треба да игра улога нечија етничка припадност, Зендели одговара во стилот „тогаш што е проблем да биде и ова?“.

Гостувањето во „Утрински брифинг“ Зендели го заврши изразувајќи надеж дека успеал да разјасни дел од дилемите во јавноста. Целиот разговор погледнете го ТУКА.

 

- Реклама -