Земјите од Г7 повикаа на смиреност и намалување на тензиите на Блискиот Исток

Во изјавата на шефовите на дипломатиите на членките на Групата седум индустриски развиени земји се апелира за прекин на насилството во регионот

Сите инволвирани страни на Блискиот Исток треба да се воздржат од понатамошна ескалација, продолжување на деструктивниот циклус на одмазднички напади и конструктивно да работат на деескалирање на состојбата, се вели во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на членките на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел.

„Ние, министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД и високиот претставник на ЕУ, ја изразуваме нашата длабока загриженост поради зголеменото ниво на тензии на Блискиот Исток, што се заканува да разгори поширок конфликт во регионот“,

стои во изјавата.

Од Европската служба за надворешни работи велат дека ниту една земја на Блискиот Исток нема да има корист од понатамошна ескалација на конфилктот и затоа е потребно веднаш да се намалат тензиите.

Претходно, од Пентагон информираа дека американскиот претседател Џо Бајден ќе разговара за ситуацијата во регионот со својот национален безбедносен тим и ќе оствари средба со кралот Абудла Втори од Јордан, додека пак Израел предупредува дека секој напад врз нив ќе добие тежок и жесток контраудар.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин остварил разговори со израелскиот министер за надворешни работи Јоав Галант, на која била нагласена поддршката на САД за безбедноста на Израел и правото на самоодбрана против заканите од Иран, Хезболах и јеменските Хути.

„Тие разговараа за мерките што ги презема Министерството за одбрана на САД за зајакнување на заштитата на американските сили, поддршка на одбраната на Израел и спречување и деескалација на пошироките тензии во регионот“,

соопштија од Пентагон.

Разговорите меѓу САД и Јордан доаѓаат еден ден по посетата на јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади на Иран, каде што повика на крај на ескалацијата и побара регионот да живее во „мир, безбедност и стабилност“.

Денеска, пак, палестинското движење Хамас го избра Халед Машал за привремен лидер, а тој ќе биде на чело на движењето сè додека не се одржат новите избори. Тој е избран на оваа позиција по убиството на Исмаил Ханија во Техеран на крајот на јули.

- Реклама -