Популарниот астрофизичар Нил деГрас Тајсон укажа на можноста дека Земјата е само зоолошка градина основана од вонземјаните, за да набљудуваат колку далеку може да стигне човековата глупост.
Според него, кулминацијата на истата се Брегзит и најновите американски претседателски избори, кои, како што вели, „сигурно успеале да ги забавуваат вонземјаните“.
Тајсон изрази сомневање во тоа дека луѓето некогаш ќе успеат да стапат во контакт со жители од други планети, и смета дека ако вонземјаните постојат, не би значело дека по дифолт ни се непријатели.
„Не се плашам од вонземјаните. Мислам дека тие евентуално би можеле да направат ‘зоолошка градина’ за луѓе во која сите би биле среќни. Може веќе ја направиле и ја нарекле Земја. Сепак, не гледам ниту една причина заради која некое високо интелигентно битие од друга планета би имало интерес во тоа луѓето да му бидат заморчиња. Тоа би можело да се спореди со ситуација кога одите по улица и налетувате на црви“, смета Тајсон.
Друга можност, според него, е дека вонземјаните навистина постојат и дека не се многу далеку, но не нé забележуваат.
„Луѓето можеби се толку глупави на скалата на универзумот, што вонземјаните едноставно можат да поминат крај Земјата без да забележат никаков живот на неа. Се сметаме себеси за паметни само зашто сами сме одлучиле што се смета за паметно, а што не“.
И нормално, следува класичниот аргумент за тоа зошто ние би биле многу поглупави од вонземските цивилизации: примерот на шимпанзата и луѓето – иако многу се разликуваме во интелигенцијата, тоа речиси е и незабележливо од некое повисоко ниво на перцепција (вонземјанско).