Зеленски очекува исторски одлуки од самитот во Швајцарија

„Сè што ќе биде договорено на самитот ќе биде дел од мировниот процес што ни е потребен на сите. Верувам дека ќе бидеме сведоци како се создава историја овде на самитот“, изјави денеска украинскиот претседател

Успеавме да му ја вратиме на светот идејата дека заедничките напори можат да ја запрат војната и да воспостават праведен мир, изјави денеска украинскиот претседадател Володимир Зеленски пред отворањето на дводневниот самит за мир во Украина, што се одржува во Биргеншток, планинско одморалиште во близина на швајцарскиот град Луцерн, пренесуваат светските агенции.  

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на Швајцарија, Виола Амхерд / Фото: EPA-EFE/MICHAEL BUHOLZER

Самитот, кој е еден од најамбициозните обиди да се направи мировен план за Украина и да се притисне Русија да ја заврши агресијата врз земјата, која влезе во својата трета година, на едно место ги собра лидерите на стотина земји и организации.  

 „Лидерите и раководствата на секоја нација ни се подеднакво важни. И сè што ќе биде договорено на самитот денес ќе биде дел од мировниот процес што ни е потребен на сите. Верувам дека ќе бидеме сведоци како се создава историја овде на самитот“,

рече Зеленски, придружуван од претседателката на Швајцарија, Виола Амхерд. 

Сепак, отсуството на преставници од Русија и од Кина, како што пренесува, според дел од коментарите, не дава надеж за постигнување голем напредок во напорите за постигнување мир во Украина. 

Во пресрет на мировната конференцијa, на која Русија не е поканета, Путин вчера наведе низа услови за прекин на огнот, кои се во целосна спротивност со условите поставени од Украина. 

Лидерите на Италија и Германија жестоко ги отфрлија условите на Путин. 

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го нарече планот на рускиот претседател „пропаганда“, која всушност сугерира дека Украина „мора да се повлече од Украина“, додека германскиот канцелар ги отфрли условите на Путин нарекувајќи ги диктаторски мир. 

Условите на рускиот претседател ги отфрли и американската потпретседателка Камала Харис, оценувајќи ги како апсурдни.

„Мораме да ја зборуваме вистината. Тој не повикува на преговори, тој повикува на предавање“,

изјави денеска Харис на мировната конференција за Украина во Швајцарија.

Путин вчера изјави дека Русија ќе го прекине огнот и ќе влезе во мировни преговори доколку Украина се откаже од своите амбиции да се приклучи на НАТО и кога ќе ги повлече своите сили од четирите украински региони кои Москва ги смета за свои.

Од друга страна, ставот на Украина е дека мирот може да се заснова само на целосно повлекување на руските сили и обновување на територијалниот интегритет на Украина. 

- Реклама -