Зеленски и Бајден потпишаа десетгодишен безбедносен договор меѓу САД и Украина на самитот на Г7

Според договорот, во случај на вооружен напад или закана против Украина, високи американски и украински функционери ќе се состанат во рок од 24 часа за да се консултираат за одговорите и да ги утврдат дополнителните одбранбени потреби на Киев

Американскиот претседател Џозеф Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпишаа десетгодишен безбедносен договор меѓу САД и Украина, пренесува Ројтерс.

Како што се наведува во документот, договорот, потпишан на маргините на самитот на Г7 во Италија, треба да биде чекор кон евентуалното членство на Украина во НАТО.

Фото: EPA-EFE/UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS SERVICE

„Страните го признаваат овој договор како поддршка до евентуалното членство на Украина во НАТО алијансата“,

се вели во документот.

Според договорот, во случај на вооружен напад или закана против Украина, високи американски и украински функционери ќе се состанат во рок од 24 часа за да се консултираат за одговорите и да ги утврдат дополнителните одбранбени потреби на Киев.

САД, како што пишува во договортот, ја потврдуваат својата поддршка за одбраната на Украина, како и на нејзниот суверенитет и територијален интегритет.

„Со цел да се обезбеди безбедноста на Украина, двете страни признаваат дека на Украина и треба значајна воена сила, силни капацитети и тековни инвестиции во нејзината одбранбена индустриска база што е во согласност со стандардите на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО)“,

се вели во договорот.

Во него, пишува и дека САД имаат намера да обезбедат долгорочна материјална, советодавна, разузнавачка, безбедносна, одбранбено-индустриска, институционална, обука и друга поддршка за развојот на украинските безбедносни и одбранбени сили.

Во исто време, документот не вклучува никакви обврски на Вашингтон да ги користи своите сили за заштита на Украина. Исто така, не содржи никакви финансиски обврски за американската страна.

Претходно, Зеленски и премиерот на Јапонија Фумио Кишида потпишаа билатерален договор за поддршка на Украина и соработка меѓу Киев и Токио.

Украина, во текот на повеќе од две години откако е во тек руската агресија, потпиша 15 слични договори, со кои се ветува долгорочна поддршка од сојузниците на Киев, како Велика Британија, Франција и Германија.

Самитот на Г7 почна денеска во Борго Игнација, Италија, а на отворањето беше постигнат договор за американскиот предлог земјите-членки да поддржат заем од 50 милијарди долари за Украина со користење на замрзнати руски средства.

Г7 е меѓувладин политички и економски форум кој се состои од седум економски водечки земји во светот – САД, Канада, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија и Јапонија. На самитот учествуваат и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет.

- Реклама -