На просторот на ова место од старини се пронајдени доцноантичка некропола во месноста Радишко и еден осамен римски наод на надгробна плоча со латински натпис од I век во месноста Голем Град (Река) на левиот брег на Серава.
Има некои претпоставки дека населба на местото на Радишани постоела дури од времето на Марко Крале, односно од XIV век, бидејќи средновната црква Свети Никола која се наоѓа кај селските гробишта е изградена токму во периодот на XIII-XIV век, а исто така и блиската помала црква Св. Ѓорѓија потекнува од истиот период.
Радишани спаѓа во старите села во Скопската Котлина. Првите пишани податоци за Радишани потекнуваат од втората половина на XV век, кога селото било завештано од Јахја-паша на неговата истоимена џамија во Скопје. Ваквата положба која ја имале мал број на села (завештани на џамии во XV век биле и Драчево и Булачани) била доста поволна бидејќи селаните биле слободни и имале своја сопствена земја (не биле чифлици на бегови) и единствено имале обврска дел од своите земјоделски производи да ги даваат на џамијата.
Првите податоци за население се наоѓаат во турските пописи од 15 век каде што се попишани околу 20 христајански семејаства со име на мажот на фамилијата и името на неговиот татко. Народното предание наведува дека Радишани било големо село со „триста куќи“ За време на отоманското владеење, во периодот на Каропшовото востание и Австро-турската војна во 1689 на крајот на XVII век, еден дел од населението настрадал, а друг дел се иселил, при што од тоа старо население останале само три македонски христијански родови: Ѓоклинци, Масинчеви и Трпановци. На почетокот на XIX век, во Радишни биле основани неколку чифлици на кои земјата ја обработувале доселени Македонци, а единствено останатите три старинечки родови имале своја сопствена земја. До крајот на отоманското владеење во Радишани имало 5 чифлици. Од чифлигарството населението на Радишани се ослободило во периодот од 1912 до 1925 кога земјата преминала во сопственост на Македонците кои живееле во селото, дел со откупување, а дел преку аграрна реформа.
По катастрофалниот Скопски земјотрес во 1963 година донесена е одлука за планска урбана изградба на 11 приградски населби со монтажна градба на бараки, при што една од тие населби била изградена на ридот западно од селото Радишани. Радишани доживеало голем подем во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, кога биле изградени училиштето, градинката, трговскиот центар, зградите, бројните бараки и со тоа се претвора во населба. Во тој период започнало да се доселува население од сите краишта на Македонија, како и од околните места, а овој процес трае се до денес со доселување на бројни побогати македонски семејства од Скопје и од скопските населби Чаир, Бутел и Топанско Поле кои градат куќи во прекрасната природна околина на Радишани.
Во етнографски поглед се до крајот на Втората светска војна и педесеттите години на ХХ век, селото Радишани заедно со селото Раштак според говорот, народната носија и народните обичаи, претставувале две крајни (последни) села на етно-географската област Блатија, односно биле сметани за „блатиски села“ кои лежеле на границата спрема селата од жупата во Скопска Црна Гора Со се поголемиот развој по ослободувањето од отоманското владеење и посебно по Втората светска војна, започнало да се доселува се поголем број на население од селата на Скопска Црна Гора, а се почесто започнале да се склопуваат и брачни врски со ова население при што етнографските одлики на Радишани доста се измешале.