Зеќирија Ибрахими избран за нов претседател на Алтернатива

Денешниот вонреден конгрес во Алтернатива, на кој се избираше нов партиски претседател, уследи откако доскорешниот, Африм Гаши, поднесе оставка од партиската функција непосредно пред да биде избран за претседател на Собранието

Зеќирија Ибрахими e избран за нов лидер на Алтернатива на вонредниот изборен конгрес на партијата што се одржа денеска во Куманово. Од присутни околу 500 делегати, за изборот на Ибрахими за нов партиски претседател, како што изјави и самиот за медиумите, имало единствено еден „воздржан“ глас.

Зеќирија Ибрахими, новоизбраниот претседател на Алтернатива / Фото: Фејсбук

„На изборниот конгрес со само еден глас ‘воздржан’ бев избран за претседател на Алтернатива во идниот период. Во говорот им се заблагодарив на делегатите на конгресот, зборував за нашите програмски определби, за начелата врз кои ќе дејствува партијата не само во органите и како политички субјект, туку и во рамки на Владата“,

рече Ибрахими во изјава за медиумите по изборниот конгрес.

Порача дека партијата е исправена пред нов предизвик од позиција на власт и додаде оти мора да испорача конкретни резултати во однос на борбата против корупцијата, економијата, социјалната сфера, а особено во образованието зашто, како што оцени, сиромаштијата и отсуството на добро образование се главните виновници за состојбата во која се наоѓа државата.

Денешниот вонреден конгрес во Алтернатива, на кој се избираше нов партиски претседател, уследи откако доскорешниот, Африм Гаши, поднесе оставка од партиската функција непосредно пред да биде избран за претседател на Собранието. До изборот на нов лидер, формалните обврски на партијата ги извршуваше потпретседателот Беким Сали.

На денешниот вонреден конгрес немало промена во однос на политичката програма на Алтернатива.

- Реклама -