Зекири и семејството оздравеа, на оние кои не веруваат во вирусот им порача дека е крајно време да се свестат

Потпретседателот на СДСМ – Мухамед Зекири, кому заедно со неговата сопруга и нивната ќеркичка му беше дијагностициран коронавирус и беа хоспитализирани со висока температура, на Фејсбук објави дека излегле од болница и дека се живи и здрави.

Зекири се заблагодари на сите кои им пружиле поддршка, но посебно им се заблагодари на докторите и целокупниот медицински персонал од Инфективната клиника, кои, како што вели, 24 часа се во служба на пациентите.

На скептиците кои не го сфаќаат вирусот сериозно, пак, им порача дека е крајно време да се освестат:

„Од срце сакам да се заблагодарам на секој од вас што бевте со нас во најтешките времиња. Вие сте нашата втора фамилија.

Посебно се ЗАБЛАГОДАРУВАМ на докторите и медицинскиот персонал од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Најдлабока благодарност до оние кои се жртвуваат и продолжуваат тоа да го прават секој ден: доктор Илир, доктор Милена, доктор Фадил, доктор Ана од педијатрија, останатиот неуморен тим: Рејхан, Весна, Елена, Кики, Сухејла, Фисник, Изабела, Нуредин, Велимир, Снеже, Марина и многу, многу други кои 24 часа се во служба на пациентите сместени на инфективната клиника.

На оние кои и натаму мислат дека вирусот не постои и сѐуште имаат несериозен пристап кон Ковид-19 сакам да им порачам дека е крајно време да се освестат!

Само со сериозен пристап кон алармантната ситуација низ која поминуваме како општество, со свест и совест, може да се спасат себе си, блиските и други недолжни луѓе!

Искрено посакувам ниту еден од вас да не мора да помине низ тоа што го поминав јас со моето семејство. Тоа не би му го посакал ниту на мојот најголем непријател!

А, на душебрижниците кои на мене и мојата фамилија ни посакуваа фатален крај ќе им пожелам Господ барем еднаш во нивниот живот да им даде да се почувствуваат како човек.

Господ е голем, благодарение на Него АЛХАМДУЛИЛАХ јас и мојата фамилија сега сме живи и здрави и сме си дома – сите заедно и уште посилни од претходно!“, напиша Зекири на Фејсбук.

- Реклама -