„Добро сторено, Стево Пендаровски“, напиша денеска на Фејсбук пратеникот на СДСМ – Муxaмед Зекири, по пладневната прес-конференција на претседателот на Северна Македонија по повод случајот „Рекет“ и најновите околности околу истиот – пред сè снимките објавени од италијанскиот „Ла Верита“, во кои се сретнува и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Со оглед дека Зекири не додаде дополнителни коментари во постот, јасно е дека неговите пофалби се однесуваат на пораките што Пендаровски ги испрати на прес-конференцијата.
Пофалба за Пендаровски, на прв поглед и изненадувачка, пристигна и од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски. Сепак, неговото „Браво, Стево!“ се однесува на одговорот на Пендаровски што го даде на новинарско прашање околу италијанскиот министер за внатрешни работи – Матео Салвини.
Имено, Милошоски вчера предупреди на „дипломатски скандал“ со Италија, поради Фејсбук коментар на професорката од Правниот факултет – Ана Чупеска, која ја посочи како „близок советник на Претседателот Пендаровски“, која напиша дека снимките објавени од „Ла Верита“ се дел од специјална војна што македонските и жолтите штампи на „докажаните клепто-фашисти Салвини и Берлускони“ ја водат со цел да не се гони криминалот во земјава.
Пендаровски, одговарајќи на прашањето, демантираше дека Чупеска е негова советничка или има било каква релација со неговиот кабинет и го обвини Милошоски дека има политичка агенда зад сервирањето на таквата лажна вест. Сепак, Пендаровски се произнесе околу ставовите искажани во наведениот Фејсбук статус:
„Кусо и јасно: За мене Салвини не е фашист. За мене Салвини е демократски избран политичар, во една демократска држава – Република Италија, која е еден од најголемите пријатели на Република Северна Македонија во нашите обиди дефинитивно да станеме дел од евроатлантските интеграции… Ова не е поддршка ни на десницата, ни на левицата, ова е само почит кон луѓето кои живеат во таа земја и кои имаат потполно право на демократски начин да си ги изберат своите политички репрезенти. Совршено не ме интересира политичкиот светоглед на господинот Салвини. Мене ме интересира дали е политички репрезент избран на демократски начин, и ако е тој избор на италијанскиот народ, јас морам да го почитувам. Исто како што од него, како и од било кој друг во светот, не очекувам да каже: Пендаровски не ме бендисува заради не знам кој негов став“, одговори Пендаровски.