Хуманитарното здружение на граѓани „Др. Трајче Нешковски“ вчера во Гостивар организираше настан под мотото „Не сум сама. Се грижам за себе,“ наменет за поддршка и едукација на жените во борбата против ракот на дојка.
На настанот гешталт психотерапевтот Наташа Маџевска одржа едукативно предавање и советување, каде што жените разговараа и добија совети како да изградат самосвест и самоподдршка, со цел посилно и поуспешно справување со животните предизвици. Заклучокот од предавањето беше дека најважната улога во животот ја има секоја од нас и дека личната грижа и поддршка се клучни за секојдневниот напредок.
Во знак на солидарност и поддршка, здружението во соработка со Медикус Хелп додели 21 ваучер на жени борки од Гостивар и околните места за набавка на неопходни помагала.
Со оваа акција, здружението ја изрази својата посветеност како сојузник на сите жени, мајки, ќерки, сопруги, роднини, пријателки и колешки во борбата за нивното здравје и добробит, со што се заокружија низата на хуманитарни настани организирани во чест на д-р Трајче Нешковски.