Жулио Цезар во Интер стигна на мала врата во 2005 година. Од првиот ден се избори за место меѓу стативите, иако првично беше „замислен“ како замена за Франческо Толдо.
Но, само за една сезона, тој се издвои како еден од најдобрите светски голмани сместувајќи се веднаш зад недопирливите Буфон и Касиљас. Бразилецот дојде и до „единицата“ во репрезентацијата иако потоа со „Кариоките“ освои само два трофеи.
Затоа пак со Интер беше далеку поуспешен, па неговото име ќе остане запишано покрај пет наслови на Интер во Серија А, четири италијански Суперкупа, три Купа на Италија. и секако најважните, трофејот од Лигата на шампионите и светска клупска титула.
Како и практично речиси комплетниот тим на „Црно-сините“, Жулио Цезар по заминувањето на Жозе Мурињо и заситувањето од бројните титули доживеа пад, па откако последните години не беше на претходното ниво полека се најавуваше разделбата со „Џузепе Меаца“.
А, тоа се случи овие денови кога Цезар го договори трансферот во амбициозниот премиерлигаш КПР. Интер, нормално како што му доликува на голем клуб му приреди збогум со трибините на „Меаца“ во пресрет на дуелот со романскиот Васлуј.
{youtube}bvZgSGVH7cg{/youtube}
„Сакам да им се заблагодарам на претседателот Морати и на сите навивачи за прекрасните седум години. Кога пристигнав тука бев само едно обично момче. Сега сум среќен што бев дел од совршен тим“ истакна Цезар на збогувањето.
А, солзите притоа сами течеа, емоциите на највисоко ниво… Симпатизерите на „Нероаѕурите“ за крај на една убава приказна го наградија својот долгогодишен миленик со силни и долготрајни овации.